1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Ердоган ќе протерува амбасадори

Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган се закани дека одредени странски амбасадори ќе бидат протерани од земјата поради нивните „провокативни акции“. Toj ги обвинува амбасадорите за истрагата за мито и корупција во земјата.

„Одредени амбасадори се вмешани во провокативни работи“, рече Ердоган. „Не треба да ве задржиме во земјава“, додаде тој. Неговите забелешки се однесуваат на тензиите кои се создадоа околу истрагата за корупциската афера во Турција, која се однесува на лица блиски до неговата влада.

Ердоган тврди дека „валканата операција“ била темпирана за да и’ наштети на неговата влада пред локалните избори во март. А, тие избори се сметаат како тест и за централната власт, за која Ердоган сака повторно да се бори на парламентарните избори во август.

„Држете се до вашите задолженија. Ако ги надминете овластувањата, тогаш оваа власт ќе ги искористи своите органи до крајни граници. Не сме обврзани да ве држиме во земјава“, рече Ердоган.

Тој не именуваше на кого мисли кога ги праќа пораките, но провладиниот весник „Јени шафак“ денеска објави текст со наслов „Одете си од оваа земја“, а кој се однесува на американскиот амбасадор во Турција, Францис Ричијардоне. Ердоган всушност ги поткрепи обвинувањата во провладиниот весник дека САД и нивниот амбасадор стојат за корупциската истрага, која се спроведува врз блиски политички сојузници, па дури и министри и градоначалникот на Истанбул, кој се смета за упориште на неговата Партија на правдата и развојот.

John Kerry Türkei Besuch Ahmet Davutoglu

Американскиот амбасадор Францис Ричијардоне (лево) фотографиран за време на посетата на државниот секретар Џон Кери (десно) на Турција

Амбасадата на САД преку порака на Твитер, напишана на турски јазик, ги негираше тврдењата на Ердоган со зборовите „лага и клевета“. Во пораката стои и дека „никој не треба да ги загрозува турско-американските односи преку неосновани тврдења“.

Провладините медиуми го обвинија и Израел за долевање масло на огнот. Турската влада и претходно ги обвинуваше странските сили, на пример, за протестите кои се случија ова лето. Според одредени текстови во провладините медиуми, американскиот амбасадор Ричијардоне ја предупредил државната банка „Халк банк“ да ги прекине врските со Иран – земјата која е под санкции.

А, оваа банка е во центарот на истрагата за корупциската афера, која ја погодува во срцето партијата на Ердоган. Освен извршниот директор Сулејман Аслан, во случајот денеска (21.12.) се уапсени и синови на министри во владата.