1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Ердоган: Сирија одамна ја премина црвената линија

Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган ги повика САД да преземат натамошни чекори против Сирија, за која верува дека употребила хемиско оружје.

Турскиот премиер Ердоган за американската телевизија „ЕнБиСи Њуз“ изјави дека верува оти Сирија употребила хемиско оружје и со тоа ја поминала „црвената линија“ поставена од американскиот претседател Барак Обама.

„Јасно е дека сирискиот режим употребил хемиско оружје и ракети“, посочи Ердоган. Тој истакна дека на тоа укажуваат пронајдените делови од испалени сириски ракети, но и симптомите кај сириските бегалци.

Тој оцени дека „црвената линија“ на Обама одамна е премината и ги повика САД на интензивна акција против сирискиот претседател Башар ал-Асад. Турскиот премиер повтори дека неговата земја ќе поддржи зона за забранети летови над Сирија.

„Сакаме САД да преземат поголема одговорност и да преземат понатамошни чекори, а кои чекори ќе ги преземат, за тоа ќе разговараме“, наведе Ердоган, кој ќе се сретне со Обама на 16 мај.

Ердоган тврди дека во турските болници има сириски пациенти кои покажуваат знаци дека биле жртви на хемиско оружје, а пронајдени се и „остатоци од ракети“ за кои се верува дека се користени во тие напади.