1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Ердоган постави рок за прием на Турција во ЕУ

Рокот на Анкара за прием во членство во ЕУ е 2023 година. Доколку дотогаш тоа не се реализира, турскиот премиер вели дека неговата земја ќе тргне по друг пат.

Европската унија ќе ја загуби Турција ако не ја прифати за своја членка до 2023 година, изјави синоќа во Берлин турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган. Турција официјално започна преговори за членство во ЕУ во 2005 година, но тие се замрзнати во последниве години поради несогласувањето на некои од големите држави во Унијата и поради неможност за наоѓање решение за кипарскиот проблем.

Првпат досега Ердоган споменува рок во кој Анкара планира да ги продолжи напорите за членство во ЕУ. Неговата изјава доаѓа во момент кога односите меѓу Турција и ЕУ се заладуваат се повеќе.

Германската канцеларка Ангела Меркел, со која Ердоган ќе се сретне денеска, е против полноправно членство на Турција во ЕУ и наместо тоа препорачува стартешко партнерство со Анкара.

Во земјите на ЕУ живеат околу шест милиони Турци, од нив, нешто помалку од три милиони се во Германија.