1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Ердоган: Нема повеќе толеранција за демонстрантите

Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека тој повеќе „нема толеранција“ за масовните антивладини демонстрации во земјата, откако полицијата се судри со демонстрантите во Истанбул на 12-от ден од протестите.

„Оваа епизода сега е завршена. Повеќе нема да покажуваме толеранција“, рече премиерот Ердоган пред пратениците од неговата владејачка Партија на правдата и развојот. Говорот беше пренесуван во живо на телевизија.

Сведоци информираат дека повеќе десетици полицајци денеска (11.06.) влегле во паркот Гези во центарот на Истанбул. Сведоците велат дека пред почетокот на полициската акција немало никаков знак кој би укажал дека полицајците ќе тргнат во отстранување на привремените шатори или, пак, на плакатите и знамињата поставени од демонстрантите. Полициските сили се судриле со отпорот на неколку стотици демонстранти.

Агенциите јавуваат дека булдожери започнале да отстрануваат некои од барикадите. Не е познат точниот број на повредени лица во денешниот судир во центарот на Истанбул. Агенциите јавуваат дека на некои лица им се укажувала помош во импровизираната станица за прва помош, направена од демонстрантите.

Судирот меѓу полицијата и демонстрантите, во кој беше употребен солзавец и гумени куршуми, дојде и покрај изјавата на заменик-премиерот Булент Аринч дека премиерот Ердоган сака в среда да се сретне со лидерите на демонстрантите. Демонстрациите кои започнаа против градежен проект во Истанбул за кратко време се проширија низ Турција и прераснаа во антивладини протести.