1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Ердоган: Корупциската афера е обид за „судски удар“

Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган оцени дека антикорупциската истрага, која моментно се води во Турција, може да доведе до смена на Владата. Тој смета дека луѓе и групи во сенка од надвор сакаат да го симнат од власт.

„Ваквите дејства ја водат нашата земја во погрешен правец“, нагласи Ердоган, коментирајќи го скандалот, поради кој веќе се уапсени над 50 високи функционери под сомнеж за перење пари, корупција и шверц со злато. Поради корупцискиот скандал Ердоган изврши голема реконструкција на својот кабинет. Тој увери дека во земјата нема да се случи хаос и дека ќе ја држи ситуацијата под контрола.

„Тоа што тие сакаат да го направат е обид за атентат врз волјата на народот. Тие се обидоа да изведат судски удар во Труција. Но, ние ќе и’ се спротивставиме на оваа операција, на овој заговор од 17 декември, кој целеше кон иднината и стабилноста на нашата земја“, рече Ердоган.

USA Türkei Islam Fethullah Gülen

Фетула Ѓулен негира дека се бара договор со турската влада

Ердоган на последната средба со новинарите викендов, пред неговото патување во Јапонија, информираше и дека добил писмо од движењето на Ѓулен, кој се посочува како човекот кој стои зад избивањето на корупцискиот скандал. Верскиот лидер и опонент на Ердоган живее во САД. Ердоган рече дека „веројатно писмото е напишано од самиот Ѓулен“ и во него се повикувало на помирување помеѓу двете страни.

Од движењето на Ѓулен, пак, информираа дека „ова писмо не беше испратено до господинот премиер и не содржи референци за договарање“. Ѓулен, кој ја напушти Турција во 1999 година и замина да живее во САД, откако беше обвинет дека заговара формирање на исламистичка држава, ги негираше обвинувањата дека има своја инволвираност во истрагата за корупцијата.

Корупцискиот скандал предизвика нов бран протести против Ердоган. Тој исто така ја погоди и националната економија. Турската лира доби рекордно ниска вредност во однос на доларот, а се случија и турбуленции на Истанбулската берза. Ердоган сега уверува дека Турција ќе ги надмине тешкотиите и нагласи дека локалните избори, кои треба да се одржат во март, ќе бидат тест за неговата влада пред претседателските избори закажани за август.

Türkei Premierminister Erdogan Präsident Gül

Блиски, а далечни - премиерот Реџеп Таип Ердоган (лево) и претседателот Абдула Ѓул (десно)

Во меѓувреме, турскиот претседател Абдула Ѓул вети дека случаите на корупција нема да се прикриваат.

„Ако случаите на корупција се прикриени, тогаш општеството ќе се распадне. Ништо не треба да се прикрива. Оние кои не направиле криминал не треба од ништо да стравуваат“, рече Ѓул во телевизиско интервју.

Ѓул и Ердоган се коосновачи на владејачката АКП партија во 2001-ва година. Откако избија протести против градежниот проект во истанбулскиот Гези парк, двајцата лидери внимателно одбегнуваа меѓусебно конфронтирање, но во исто време демонстрираа различни стилови на справување со кризата, па така на Ердоган се гледа како на авторитарен лидер, а на Ѓул како на обединувач.