1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Ердоган долева масло врз огнот

Десетици илјади Турци и натаму протестираат против авторитарната власт, без оглед на заканите од премиерот Реџеп Таип Ердоган. Тој патува низ земјата, навредувајќи ги демонстрантите и иницирајќи контрадемонстрации.

„Вандали“, „Ограбувачи“ - вака турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган пред своите приврзеници го истури гневот врз демонстрантите кои со денови протестираат против неговата влада. Тој вчера (09.06) ги повика своите приврзеници да се подготват за провладини демонстрации следниот викенд, заканувајќи се дека трпението на неговата влада има крај.

Речиси две седмици во Турција траат антивладините демонстрации кои започнаа со собирот против уривањето дрвја во истанбулскиот центар. Прво екологистите се спротивставија на уништувањето на дел од паркот Гези во рамките на планираната реконструкција на познатиот истанбулски плоштад Таксим, каде што треба да биде урнат Културниот центар посветен на основачот на современата турска држава Мустафа Кемал Ататурк и на тоа место да биде изграден деловно-станбен објект, наводно опера и џамија. Демонстрациите потоа се проширија на поголемите градови во земјата против исламизацијата на земјата.

„И натаму сме трпеливи, ние секогаш сме трпеливи, но нашето трпение има граници“, изјави турскиот премиер Реџеп Тајип Ердоган пред повеќе илјади приврзеници кои го дочекаа на аеродромот во главниот град Анкара.

Претходно, во градот Адана, Ердоган ги критикуваше демонстрантите и побара од своите истомисленици да „им одржат лекција“ по демократија во текот на локалните избори во 2014 година.

По уште еден ден од протестите, во кои повеќе десетици илјади луѓе излегоа на улиците од големите турски градови, премиерот продолжи со својата офанзивна реторика пред илјадници приврзаници кои ги собра неговата владејачка Партија на правдата и развојот (AKP).

„Само седум месеци не‘ делат од локалните избори. Сакам на тие луѓе да им одржите лекција на демократски начин, на избирачките места“, изјави Ердоган во говорот во Адана, повторно нарекувајќи ги демонстрантите „терористи“ и „бандити“.

Од друга страна, илјадници негови противници на истанбулскиот плоштад Таксим се собраа на концерт и политички собир. На трибината којашто беше подигната уште рано утрината, преку целиот ден се одржуваа говори против политиката на владата на Ердоган и полициската бруталност, прекинувани со скандирање на масата којашто бара оставка на премиерот Ердоган и на целата влада.

Турскиот полициски синдикат вчера се пожали на условите на ангажирањето во последните денови. Меѓу другото, полицискиот синдикат укажува на преоптовареноста на безбедносните сили, на пример од 120 часа непрекинати акции по улиците. Досега шестмина полицајци извршиле самоубиство.