1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Ербас А380 ќе биде и економски успех

Пред околу 3000 гости, францускиот премиер Жан Пјер Рафарен, деновиве, во Тулуз ја инагурира халата во која ќе се составува најновиот модел на европскиот авион од семејството "Ербас" - "А380". Новата фабричка хала го носи името на Жан-Лук Лагардер, иницијаторот на проектот и, пред се, иницијаторот на создавањето на европскиот конзорциум ЕАДС, кој во 2003. првпат во историјата успеа да продаде повеќе авиони од американскиот “Боинг".

Со "А380" сонот станува реалност. Тој ќе биде најголемиот цивилен авион, вистински "суперџамбо". Долг 73 метри, со распон на крилата од 79,8 метри, тежок 560 тони, "А380" ќе може да пренесува меѓу 555 и 800 патници, во зависност од начинот на кој е уредена внатрешноста на авионот. Неговата специфика е распоредот на патниците на две нивоа. "А380" има и голема амбиција да му стави крај на владеењето на "Боинг 747".

Најновиот “Ербас" е и најголемиот европски индустриски проект во почетоков на 21 век, вкупно 10,7 милијарди долари инвестиции.


Првиот авион од типот "А380", кој веќе е составен, никогаш нема да летне, тој ќе служи за тестирање на издржливоста на материјалите. Кон крајот на јуни од новата хала (една од најголемите во светот, долга 490 метри , широка 250 метри и висока 46 метри), ќе излезе вториот прототип. За изградбата на халата беа потребни 32 000 тони железо односно 4 пати повеќе отколку за изградбата на Ајфеловата кула и околу 250 000 кубни метри бетом. Првиот лет на “А380” е предвиден во првото тримесечје на 2005, а во 2006 се очекува и прв комерцијален лет.


Двата типа мотори веќе се тестираат. Но, пред се, "А380" е симбол на спротивни индустриски стратегии. Американскиот конструктор "Боинг" смета дека на небото нема место за голем авион како што е европскиот.

"Боинг" развива еден тип на авион со максимално 300 седишта, односно проектот 7Е7 - “Дримлајнер" . Европскиот конструктор ЕАДС ја избра спротивната стратегија. "Ербас" проценува дека пазарот има потреба од околу 1.500 вакви авиони, односно 20 отсто од пазарот во идните дваесетина години. Амбицијата е "А380" да освои 50 отсто од тој пазар. За разлика од проектот “Конкорд”, кој беше технолошки успех, но економски неуспех, “А380” е на патот да стане економски рентабилен, за тоа му се потребни да продаде 250 авиони, а до денес се веќе регистрирани 129 нарачки и 52 опции.

За Ноел Форжа директорот на Ербас, денес “еврото и Ербасот се двата големи европски симболи, ако еврото е навистина важно, Ербасот е нешто конкретно создадено од луѓе од повеќе земји со почитување на нивната култура и начин на работа”.

Потврда, дека за европската авиовселенска индустрија работите се одвиваат позитивно е соопштувањето на триместриалните резултати на ЕАДС, кој очекува меѓу 124 и 289 милиони евра бенефис, наспроти 130 милиони за истиот период лани.

Воедно Арианеспас на ЕАДС и нарача 30 лансирни ракети “Ариан 5” во износ од 3 милијарди евра.