1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

ЕП усвои условено враќање на визите за Западниот Балкан

Европскиот парламент ја усвои резолуцијата со која се става во сила механизмот за суспензија на безвизниот режим во одредени случаи, за што согласност ќе треба да дадат стручните служби и Советот на министри.

Европскиот парламент во Стразбур денеска ја усвои резолуцијата за воведување на „заштитен механизам“ кој на Европската комисија и’ дава право да го укине безвизниот режим за Шенген просторот за земјите од Западниот Балкан и за други земји од кои нагло би пораснал бројот на лажни азиланти или би била загрозена безбедноста на земјите-членки на ЕУ.

Пратениците во Европскиот парламент, со 621 глас „за“ и 94 „против“, ја усвоија резолуцијата која на Европската комисија и’ дава можност, на предлог на некоја земја-членка на ЕУ, а со мислење на стручните тела и со одобрение на мнозинството членови во Советот на министри на ЕУ, само во вонредни ситуации привремено да и’ го укине безвизниот режим на некоја земја.

Тоа би се случило кога, на пример, бројот на лажните азиланти во период од шест месеци би пораснал за преку 50 проценти.

Porträt - Tanja Fajon

Тања Фајон

Пратеничката Тања Фајон, со поддршка на пратеникот на Зелените Даниел Кон-Бендит, бараше да се одложи усвојувањето на резолуцијата и истата да се преиспита, бидејќи на начинот на кој е предложена значи дека ЕП се откажува од своите овластувања и им се нанесува штета на односите на ЕУ со земјите од Западниот Балкан.

Предлагачот на резолуцијата Едуардо Мера, од Европската народна партија, тоа го демантираше, тврдејќи дека механизмот не значи дека ЕП се откажува од своите овластувања според Договорот од Лисабон, бидејќи се предвидува можност Советот на министри само привремено да воведе ограничувања на безвизниот режим, бидејќи за враќањето на некоја земја на „црната Шенген листа“ би била нужна и согласноста од парламентот.

Малстром - задоволна

Еврокомесарот за внатрешни работи Сесилија Малмстром го поздрави денешното усвојување на механизмот за можна суспензија на безвизниот режим од страна на Евроpскиот парламент, нагласувајќи дека со тоа ќе се осигура да нема злоупотреба на патувањето без визи.

„Новиот механизам ќе придонесе за зачувување на интегритетот на процесот на визна либерализација и за создавање кредибилитет во очите на граѓаните. Тој ќе овозможи, под строги услови и по темелна проценка од страна на Комисијата, привремено воведување на визи за граѓаните на одредена трета земја“, посочи Малстром.

Cecilia Malmström PK zu Menschenhandel in der EU

Сесилија Малмстром

Таа изрази надеж дека, и покрај усвојувањето на овој механизам, нема да дојде момент кога тој би можел да се употреби за суспендирање на безвизниот режим.

„Но, јас сум убедена дека механизмот ќе ни донесе безбедносна кочница и ќе помогне во зголемувањето на довербата на земјите-членки во управувањето со визите и идното визно ослободување. Јас лично се залагам за одржување на безвизниот режим за државјаните на трети земји кои имаат корист од него“, додаде Малстром.

Заштитниот механизам би се вовел доколку од некоја земја дојде до голем прилив на илегални имигранти, односно доколку би бил загрозен „јавниот ред и мир“, или доколку поради терористичка закана би била доведена во прашање безбедноста во одредени држави, односно на ЕУ во целина.

Механизмот, правно, би можел да биде усвоен на следниот состанок на Советот на министри на ЕУ за правосудство и внатрешни работи овој или следниот месец, а ќе стапи во сила откако ќе биде објавен во службениот весник на ЕУ.

Опасност од „црната Шенген листа“

Со примената на механизмот, поради злоупотреби на безвизниот режим на некоја земја, би можело привремено да и’ бидат вратени визите на период од шест месеци, со можност таа мерка да се продолжи за уште девет месеци.

Како крајна мерка, доколку не дојде до промени, Европската комисија со согласност од мнозинството членки на ЕУ, но и на Европскиот парламент, би можела да врати некоја земја на „црната Шенген листа“.

Grenzdurchgangslager Asylheim Friedland

Камп за азиланти во Германија

Според тврдењата на некои пратеници во ЕП, во ЕУ веќе има шест земји кои би сакале механизмот веднаш да се примени на една западнобалканска држава, најверојатно Босна и Херцеговина.

Во моментов, сепак, тешко би можело да дојде до примена на механизмот, затоа што според податоците на сите земји-членки на ЕУ, во јануари годинава бројот на лицата од Западниот Балкан кои го злоупотребиле безвизниот режим, за неосновано да бараат азил, паднал за 44 проценти во однос на истиот период претходната година.

Лажните азиланти од Западниот Балкан најчесто настојуваат без каква било основа да добијат материјална корист, која е предвидена со постапката за одобрување на азил во Германија, Шведска, Белгија, Луксембург и Швајцарија- која иако не е дел од ЕУ, учествува во заедничкиот „Шенген простор“.