1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

ЕП: Придавката „македонски“ не помина

Комисијата за надворешни работи на Европскиот параламент денеска (13. 09 ) со 60 гласови за и само еден против ја усвои предлог резолуцијата за „Политиката и критериумите за проширување и стратегиските интереси на ЕУ“.

За резолуцијата и за предложените 287 амандмани не се водеше дискусија, иако некои европратеници кои не беа запознати претходно со содржината на компромисните 20 амандмани (договор меѓу големите политички групи, како народните партии, социјалистите и либералите) се обидоа да отворат повторно дискусија, посебно во деловите кои се однесуваа директно или индиректно за Македонија или Косово.

Во усвоениот документ се нагласува дека „проширувањето мора да остане кредибилен процес“ и „поради тоа е значајно ЕУ да ги исполни своите дадени ветувања и да создаде услови кои ќе осигураат дека идните проширувања ќе бидат успешни“.

Обврски и за земјите - кандидати и за земјите - членки на ЕУ

Од земјите-членки на ЕУ се бара да го одржуваат моментумот на процесот за проширување со повторното потврдување на европската перспектива на секоја од земјите кандидатки или потенцијални кандидатки.

Резолуцијата предвидува земјите да се оценуваат според исполнетите критериуми, копенхашките критериуми остануваат „срцето на политиката за проширување“. Но исто така европратениците утврдуваат четири елементи за капацитетите на интеграција на Европската унија: 1. Државите членки треба да придонесат за да не и‘ наштетат на способноста на ЕУ да го задржи еланот за исполнување на своите политички цели; 2. Институционалната рамка на Унијата треба да биде во можност да осигуа ефикасно и ефективно владеење; 3. Финансиските средства на Унијата треба да биде доволни за да се одговори на предизвиците на социјална и економска кохезија и на заедничките политики на Унијата; 4. Да се воспостави се‘опфатна комуникациска стратегија за да се информира јавноста за последиците од проширувањето.

Билатерланите тензии“ и „разлики“ да бидат решени пред пристапувањето во ЕУ

Европратениците уште еднаш нагласија дека „вистинското помирување помеѓу различни нации и народи, мирното решавање на конфликти и воспоставување на добрососедски односи меѓу европските земји се од суштинско значење за одржлив мир и стабилност“. Затоа, тие ги ставаат добрососедските односи на клучно место во евоинтеграцијата и процесот на проширување, бидејќи голем број на земји кандидати и потенцијални кандидати продолжуваат да имаат нерешени прашања со соседите, па оттука и барањето на ЕП, „сите засегнати страни треба да работат отворено кон решавањето на билатералните тензии, каде овие прашања треба да бидат решени пред пристапувањето“.

Европратениците исто така се договорија за компромисен амандман во кој се повикува ЕУ да ги поддржува напорите за решавање на отворените билатерални „разлики“, во согласност со одредбите на меѓународното право: Повелбата на ОН и релевантните резолуции на ОН, како и Хелсиншкиот Завршен Акт. Во случај да не биде можно да се постигне билатерален договор, ЕП советува предметот да биде доставен до Меѓународниот суд на правдата или страните да се заложат за обврзувачки арбитражен механизам. ЕП уште еднаш повикува Комисијата и Советот на ЕУ да започне со развивање механизам за арбитража на билатерални и мултилатерални разлики меѓу државите-членки и кандидатите за прием во ЕУ, во согласност со договорите на ЕУ.

Амандманот во врска со придавката „македонски“ не помина

Од амандманите на резолуцијата поврзани директно со Македонија, не помина тој на британскиот европарламентарец од Алијансата на либералите и демократи, Ендру Даф, во кој тој бараше во текстот да се замени референцата „Поранешна Југословенска Република Македонија“ со „Македонска држава“.

Во резолуцијата е поздравена иницијативата на Европската комисија за пристапниот дијалог на високо ниво со Македонија, затоа што нивната цел е создавање „свежа динамика во реформскиот процес и се нагласува дека тие иницијативи на никој начин не смеат да ги заменат формалните преговарачки процедури“. Европратениците го поздравуваат новиот преговарачки пристап во кој се дава приоритет на прашањата поврзани со судството и фундаменталните права, како и правдата и внатрешните работи. Со резолуцијата се бара и независност во судскиот систем и осигурување на слободата во медиумите и на хартија и во пракса.

Европратениците кои не беа задоволни со денес усвоениот текст во Стразбур, беа повикани да предложат повторно измени на резолуцијата, кога таа ќе биде ставена на расправа и усвојување на пленарната сесија на ЕП. Датумот се‘ уште не е утврден, но судејќи по денешното конечно гласање, резолуцијата не би требало да претрпи поголеми измени.

Во резолуцијата процесот на проширувањето и стратегијата на ЕУ во оваа област се разгледува во целост, бидејќи поединичените случаи на земјите кандидати се обработени во посебните извештаи за секоја земја посебно.