ЕП: Преговори што поскоро, но и „зближување“ со Бугарија | Европа | DW | 09.04.2013
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

ЕП: Преговори што поскоро, но и „зближување“ со Бугарија

Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент со 39 гласа „за“ и 13 „против“ ја усвои предлог резолуцијата за напредокот на Македонија во 2012 година, за која ЕП треба да се изјасни на пленарна сесија во мај.

Европратениците првично го одложија гласањето за оваа резолуција, што според известувачот беше плодно, бидејќи тоа доведе до воспоставување на политичкиот дијалог во земјата и прекин на бојкотот од страна на опозицијата, за што придонесоа европратениците Ричард Хауит и Јержи Бузек и комесарот за проширување Штефан Филе.

Европратениците усвоија вкупно 20 компромисни амандмани и околу 50 тина други амандмани.  Текстот на резолуцијата теоретски може да претрпи дополнителни измени при гласањето на пленарната сесија.

Во новиот текст на резолуцијата, европратениците го повикуваат ирското претседателство да спроведе интензивна дипломатија за да се постигне задоволувачки исход и одлука за почеток на преговори пред крајот на јуни 2013 година со Македонија.

Европратениците се убедени дека почетокот на преговорите може да ја „промени играта“со обезбедување позитивен импулс и ефикасен инструмент за понатамошни реформи, подобрување на внатрешната ситуација, олеснување на меѓуетничкиот дијалог и промовирање на поволни односи со соседите.

Понатаму се повторува дека дијалогот на високо ниво, кој е важен инструмент за пробив на застојот и воведување на нова динамика во процесот на пристапување, не смее да е замена за преговорите за членство.

Европратениците потврдија дека добрососедските односи се „суштинските столбови во процесот на пристапување во ЕУ“.

Во однос на случувањата во Македонија по 24 декември, европратениците испраќаат повик до сите партии да продолжат со политичкиот дијалог и да ја нагласат потребата за широка меѓупартиска поддршка и ангажман во спроведувањето на агендата на ЕУ.

Во самата резолуција за Македонија се најдоа и лицата со бугарски идентитет, во однос на барањата  и охрабрувањето на мерките за историско помирување меѓу етничките групи, како и обидите за воспоставување на заеднички експертски комисии за историјата и образованието.

Со договор на политичките групи, за да не се помисли дека ЕП има унилатерална позиција во спорот за името, се користи само еднаш терминот „Македонци“ и референцата „Поранешна Југословенска Република Македонија“.