1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

ЕП: Македонија е во опасност, преговорите мора да започнат

Во дебатата по декларацијата на Европската комисија и Европскиот совет за напредокот на Македонија, европратениците отворено побараа почеток на преговорите за членство на Република Македонија во ЕУ.

Македонија има напредок, подготвена е за следна фаза во ЕУ-интеграцијата, па во јуни треба да почнат преговорите за членство, а до тогаш да се формира Анкетната комисија за 24 декември и да постигне напредок во слободата на медиумите.

Ова е резимето на повеќе од едночасовната дебата која вчера вечер (22.05.2013) се одржа во Европскиот парламент (ЕП) во Стразбур и на која по декларацијата на Советот на ЕУ и Европската комисија за напредокот на Македонија во 2012 се водеше расправа по резолуцијата на на британскиот пратеник Ричард Хауит.

Комесарот за проширување Штефан Филе пред европратениците ги наброја елементите кои остануваат да се исполнат од страна на Македонија, а кои ги потенцираше во пролетниот извештај, а се однесуваат на последиците од политичката криза и договорот од 1 март.

„Тоа е пораката која јасно му ја пренесов на премиерот Груевски“, рече Филе.

Европскиот комесар за проширување, а потоа и некои од европратениците, посебно инсистираа на примерот од постигнатиот договор меѓу Белград и Приштина, односно дека кога има политичка волја, решенијата се можнии, мислејќи на проблемот со името.

„Но за танго се потребни двајца“, рече Филе во завршниот збор, бранејќи се од нападите дека греши кога бара почеток на преговори, бидејќи статус квото е неодржливо. Штефан Филе потсети на неговата идеја од минатата есен, кога беше предложено да се почнат преговори со кои се ќе даде поттик за да се реши проблемот со името. Во таа идеја главната точка беше да и‘ се даде гаранција на Грција дека Македонија ќе почне со процесот на „скрининг“ а дека преговарањето за поглавијата нема да биде отворено се‘ додека не биде решен спорот. „Зошто да не сум во право кога го велам ова?“ се запраша Филе, одговарајќи на излагања на грчките пратеници кои бараа Македонија да покаже повеќе попустливост во преговорите со Атина и да се откаже во антиквизацијата и национализмот пред да почнат преговори за членство.

Richard Howitt

Рочард Хауит

Македонија е во опасност

Известувач за Македонија, Ричард Хауит, претставувајќи ја резолуцијата, нагласи:

„Уште еднаш сакам да упатам јасна препорака дека преговорите за пристапување треба да започнат без одлагање”.

Сепак, Хауит додаде дека оваа година, како одговор на етничките тензии во август минатата година и на политичката криза од 24 декември, треба да се потсети на тешката реалност:

„Дека идниот напредок кон Европа е загрозен. Дека демократскиот кредибилитет на земјата е доведен во прашање. Дека ние не можеме да сакаме вашата земја да се приклучи кон Европската унија повеќе од тоа што вие сакате. Така, во однос на Анкетната комисија, Меморандумот за разбирање, дијалогот за слободата на изразување, апелирам да се направи суштински напредок, подалеку од каде што сте денес. Истото го велам и за прашањето за името.

Европа го поздравува напредокот меѓу Србија и Косово. Овие лидери не покажуваат помалку храброст отколку онаа која се бара денес меѓу лидерите во Атина и во Скопје. Навистина се плашам дека само напредокот околу прашањето за името може да ги зголеми надежите за во јуни“, рече Хауит.

Земјата и народот заслужуваат да им се даде шанса

„Но, овој парламент постави јасни прашања до Европскиот совет. Дали ги користи обврските на земјата само како соодветен изговор? Дали некогаш Советот помислил што би се случило ако оваа земја повторно оди кон конфликти и поделби?

Водејќи се според настаните од минатата година, дали Европскиот совет ја прифаќа својата одговорност поради разни одложувања и отфрлања?

Дали му е јасно дека кога сте во редица и се наоѓате себе си постојано поместувани, одите подалеку и подалеку од предниот ред, во одреден момент одите подалеку од самиот ред? Апелирајќи за напредок и во Скопје и во Атина, во исто време го повикувам Европскиот совет да разбере дека постојаното одбивање на вашата земја има лош ефект на политиката и

јавното мислење. Како што претходно бев принуден да го одложам усвојувањето на Резолуцијата поради политичката криза во Скопје, денеска велам дека можеби би било подобро, неопходно, Европскиот совет да ја одложи одлуката (за Македонија) и да ја одржи надежта во живот и да не ја одбие земјата повторно“, изјави известувачот на Европскиот парламент.
Овај став на Хауит беше поддржан од скоро сите учесници во дебатата, освен грчките, кои забележаа на пристрасност во извештајот. Германската европратеничката Дорис Пак ја повика грчката влада „конечно да прифати компромис за името и да не ја блокира Македонија“.

Јелко Кацин, пак, ја повика власта во Македонија да постигне договор со Грција, угледувајќи се на примерот на Србија и Косово.

„Македонските власти мораат да сторат се‘ што е во нивна моќ за да обезбедат европска иднина за својата држава така што ќе постигнат компромис околу прашањето по името со Грција“, рече Кацин .

Проблемите со Бугарија не најдоа многу простор во дебатата.

Македонија и понатаму е приоритет на ирското претседателство

Претседателката со Советот Луцинда Крејтон, во својот завршен збор забележа дека е постигнат голем напредок во Македонија и има доверба дека земјата ќе продолжи со напорите во реформите.

„Ирското претседателство има се‘ уште како приоритет да ги започне преговорите со ПЈРМ, се надевам дека ќе ја постигнеме целта, но потребно е да се постигне напредок по прашањата иницирани во дебатата, како добрососедските односи, интензивирање на билатерланите преговори, посебно во врска со името“.

Крејтон испрати повик до двете страни да преговараат сериозно во наредните недели, што е фундаментално за Советот.

Гласањето на резолуцијата е предвидено за утре напладне, за неа се предложени шест амандмани.

Дебатата за напредокот на Македонија од почесната трибина ја следеше македонската парламентарна делагација, предводена од Ќенан Хасипи, која во Стразбур учествува на 11-от Мешовит парламентарен комиет ЕУ-Република Македонија.