1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

ЕП: Време е партиите од Македонија да го стават интересот на земјата пред партискиот

Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент одлучи да го одложи до следниот нејзин состанок гласањето за резолуцијата предложена од европратеникoт Ричард Хауит за напредокот на Македонија во 2012 година.

Одлагање на гласањето беше побарано лично од известувачот, во координација со известувачите во сенка од другите големи политички групи, со образложение дека поради актуелната ситуација во Македонија која е „крајно загрижувачка“, тоа ќе доведе до негативен текст на резолуцијата. Според Хауит, ова е притисок во добра насока врз македонските политички партии, а не добивање на време.

„Се надевам дека одлагањето на овој извештај ќе испрати јасен сигнал до партиите во Скопје дека ја поддржуваме земјата, но сакаме решение на политичката криза. Гледам и дека денешните иницијативи за помирување не поминаа. Сакам луѓето, организациите, општеството во оваа земја да сфатат колку е сериозна оваа криза и време е политичките партии да го стават интересот на земјата пред партискиот“, нагласи Хауит.

Претседателот на Комисијата, германскиот европратеник Елмар Брок, на крајот на дебатата посочи дека бојкотот на опозицијата во работата на парламентот не смее да го спречи усвојувањето на еден етапен извештај за една земја. Гласањето е предвидено за еден од идните состаноци на Комисијата.

Одговорноста е во рацете на македонските политичари

Хауит, претходно ги запозна европратениците со политичката криза во Македонија, за која „двете главни политички партии во земјата меѓусебно се обвинуваат“. Сепак, тој смета дека Македонија „има историска можност во јуни да добие позитивна препорака за почеток на пристапните преговори од Европскиот совет, но само ако се реши ситуацијата, која инаку може да го уништи прогресот на земјата обезбеден изминатите години“.

Известувачот во сенка од Европските народни партии, Едуард Кукан, оцени дека бојкот на опозицијата на Парламентот и изборите во Македонија не е начин земјата да оди напред. Тој се надева дека политичарите во Македонија ќе бидат одговорни и во интерес на земјата и граѓаните ќе најдат решение.

Richard Howitt Europäisches Parlament

Ричард Хауит: Ја поддржуваме земјата, но сакаме решение на политичката криза

Во однос на поднесените амандмани, Кукан беше категоричен: „Не поддржувам такви што ќе ја влошат ситуацијата во земјата и ќе внесат поголеми тензии во односите со Бугарија и Грција. И покрај политичкиот застој, нам ни треба охрабрувачки јазик“, рече тој.

Николаос Шунтис, грчки европратеник, во името на обединетата левица истакна дека сегашната криза во Македонија е од социјално-економска природа и дека во земјата 60% од младите се невработени.

Според Британецот Чарлс Тенок, билатералните проблеми не треба да стојат на патот на пристапот на Македонија кон Унијата и е „тажно е што земјата се држи назад поради прашањето за името“. Тој побара во јуни Советот да даде зелено светло за неа.

Скриена грчко-бугарска агенда за Македонија?

Бугарскиот европратеник Евгениј Кирилов (социјалист), изрази „сериозна загриженост за демократските стандарди во Македонија“, посебно „за лицата кои се чувствуваат со поинаква етничка припадност“.

„Она што се случи во Собранието на 24 декември 2012 година го виде цела Европа и светот. Полицијата исфрлаше пратеници и новинари. Оттаму и ние треба да имаме јасна позиција за ова. Не треба да ја критикуваме само опозицијата што не се враќа во Парламентот, туку да сме балансирани и треба да говориме и за нивното исфрлање. Што бараше полицијата таму, без наредба од повисоки инстанци и нивна заштита? Оваа земја не е повеќе демократски кредибилна“, нагласи Кирилов.

Грчките европратеници Мариета Јанаку и Јоргос Кумуцакос од владејачката Нова демократија, го бранеа ставот дека „не е Грција таа што блокира, туку проблемот е во самата земја со судството, корупцијата, слободата на медиумите, политиката, решавањето на спорот за името.“ Според нив, „институциите на системот не функционираат и демократските стандарди се нарушуваат“. Јанаку рече дека извештајот треба да ја рефлектира реалноста на теренот, а таа е дека набрзо нема да се подобри ситуацијата во земјата, каде има конфронтации.

Кумуцакос, од своја страна, го предупреди Кукан да не зборува за „Македонци“, бидејќи може да добие протестни писма од 30-40 членови на грчкиот парламент што се „чувствувале како Македонци“.

Doris Pack, stellvertrende Vorsitzende der CDU/CSU-Gruppe in der Euröpäischen Volkspartei (EVP), aufgenommen am 08.05.2004 beim Europa- Wahlkampfauftakt der CDU Deutschland in der Messehalle Saarbrücken. Foto: Reiner Voß Schlagworte Personen, Politik, CDU, lächeln, Mikrofon, brille, sprechen

Дорис Пак: Македонците не паднаа од небо

Германскиот европратеник Бернд Поселт (Народни партии) нагласи дека крајно време е Македонија, по десет години кандидатски статус, да почне преговори за членство. Обраќајќи и‘ се на неговата колешка Јанаку, тој посочи дека никој не може да спречи некого да се нарекува според своето име.

Дорис Пак (Народни партии), им се спротистави на грчките европратеници кои тврдеа дека прашањето за името на Македонија е меѓународно прашање. Според неа, тоа е само билатерално. За германската европратеничка проблемите во Македонија се поради тоа што осум години земјата чека на преговори за членство во ЕУ:

„Македонците не паднаа од небо! Тие се Македонци и не може да ги нарекуваме ‘поранешни Југословени‘, оти нивно право е да се нарекуваат како што сакаат. Затоа треба да ја користиме и придавката ‘македонски‘. А, кога само Грците и Бугарите се загрижени за името, мора да има нешто друго зад тоа. Можеби има една скриена агенда, која за нас не е видлива, затоа треба да се зборува јасно и отворено“, рече Пак.

Ана Ибрисагиќ, европратеничка од Шведска, на тврдењето на европратениците од Грција, дека не е вина на Грција што Македонија не е членка на ЕУ, рече дека „по вина на Грција, Македонија не почнала пристапни преговори“, нагласувајќи дека за да стане членка на Македонија ќе и‘ требаат повеќе години. Таа притоа нагласи дека сегашната ситуација во Македонија се должи на замрзнатиот статус од 2005 година.

Зборови кои ќе болат во Македонија

Словенецот Јелко Кацин посочи дека Македонија тоне и дека залудно еврокомесарот Штефан Филе и Стефано Санино ја посетувале земјата и сакале да креираат позитивен извештај. Тој ги повика политичките елити во Македонија да се погледнат реално во огледало и да престанат да се обвинуваат, и да најдат решение на кризата. Притоа, Кацин од англиски јазик премина да зборува на словенечки јазик:

Jelko Kacin

Јелко Кацин: Моите зборови ќе болат

„Јас сум од Словенија и говорам словенечки јазик, кој е од семејството на словенски јазици. На Западен Балкан имаме и две словенски нации, Бугари и Македонци, кои имаат исти поети, писатели и манастири, но сега слушаме дека Македонците не се повеќе Словени! Тие зборуваат словенски јазик, употребуваат кирлиско писмо и граматика, но повеќе не се Словени. Политичката елита во Македонија предизвикува штета на соседските односи со тоа што пишува нова историја и ако се продолжи вака ќе имаме балканизирана Европа. Затоа, треба да ги повикаме власта и опозицијата да се вратат од предисториското време. Знам дека моите зборови ќе болат во Македонија“, рече Кацин.

Дејвид Кулен, во име на Европската комисија, нагласи дека Пристапниот дијалог на високо ниво е катализатор за реформи и дека е најдобро за земјата да ги почне пристапните преговори. Според него, иако комесарот Филе ја одложи посетата во рамки на Четвртата рунда од дијалогот, дијалогот не е запрен и продолжуваат да се одржуваат средби на техничко ниво. Кулен најави дека во пролетниот извештај ќе бидат опфатени елементи од кризата.

Европарламентот не сака да зазема страни

На крајот од расправата Ричард Хауит ги повика водечките политички групи во Европскиот парламент да излезат во текот на денешниот ден (26 февруари) со заедничка декларација за Македонија, во која јасно ќе биде изнесен ставот на Европскиот парламент, за да се избегнат погрешните интерпретации на намерите на европратениците.

„Мора да најдеме одговор и да избегнеме погрешна интерпретација на одложувањето. Се надевам дека оваа дебата ќе испрати позитивен сигнал дека ние ја поддржуваме земјата и нејзината европска иднина. Но ние не можеме да направиме повеќе од самите заинтересирани. Тоа е предизвик кој треба да го надминат луѓето и партиите од земјата во овој, за нив клучен историски момент“, заврши Хауит.