1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

ЕП: Бериша да не дава повеќе неприфатливи изјави за границите

Европскиот парламент препорача Албанија да добие статус на кандидат за прием во ЕУ ако исполни одредени услови. Кај европратениците незадоволство предизвика националистичката реторика на премиерот Сали Бериша.

Европратениците на седницата во Стразбур вчера (13.12.) практично го потврдија ставот на министрите за надворешни работи на ЕУ: Албанија треба да добие кандидатски статус, но откако ќе ги спроведе докрај важните реформи. Тоа е заклучокот по разгледувањето на извештајот за напредокот на Албанија за 2012. година. Иако ставот на ЕК е дека Албанија треба официјално да го добие кандидатскиот статус за ЕУ, еврокомесарот за проширување Штефан Филе пред европратениците беше сепак повоздржан, истакна дека Албанија сепак мора да покаже дека е подготвена за тоа. Филе употреби и дипломатска формулација, дека политичките водачи на земјата „не секогаш се во состојба да ја стават на прво место на политичката агенда интеграцијата на земјата во ЕУ“.

Некои од европратениците беа многу подиректни, како Марије Корнелисен од холандските Зелени: „Загрижени сме од политичката клима во Албанија и недоволната желба за меѓусебна соработка на главните партии. Се чинеше дека тое е подобрено и дека парламентот полека почнува да функционира, но сега не сум веќе сигурна во тоа. Во ноември не беа усвоени три закони поради партиска борба, што е сосем несфатливо. Освен тоа, премиерот Бериша изјави дека сите етнички Албанци можат да добијат албански пасош. Тој сигурно многу добро знае што значи тоа во регионот“.

Albanien Wahlen Ministerpräsident Sali Berisha in Tirana

Изјавата на Сали Бериша предизвика револт кај европратениците

Остра реакција во европарламентот предизвика пред се‘ изјавата на Бериша на манифестациите по повод 100-годишнината од албанската независност, кога тој во Валона зборуваше за Албанија од Превеза до Подгорица, од Прешево до Скопје.

Во последен момент европратениците усвоија пасус во заклучоците, во кој го повикуваат Бериша да не ги повторува неприфатливите изјави. Европратеникот Бернд Поселт, кој важи за поддржувач на проширувањето на ЕУ кон Балкан, исто така ја критикуваше изјавата на албанскиот премиер:

„Морам да кажам, во 2012 година на албанскиот народ му е направена тешка неправда. Албанскиот беше поделен во 1912 година според интересите на големите сили, направени беа вештачки граници. Но, и покрај тоа истакнувам-во денешно време не може да се мисли на промена на границите. Европскиот пат подразбира границите да станат неважни, а не да бидат променети“.