1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

ЕП бара Македонија да ги најде одговoрните за грабнувањето на Ел Масри

Европскиот парламент денеска усвои резолуција, во која се повикува Македонија да ги утврди одговорните за грабнувањето на Германецот со либанско потекло Калед ел Масри.

Европскиот парламент, во резолуцијата која беше усвоена во Стразбур, ја повика Република Македонија да ги утврди одговорните лица за грабнувањето на Калед ел Масри и да ги принуди истите да одговараат за нивните дела. Калед ел Масри беше грабнат поради грешка за неговиот идентитет, по што тој беше илегално затворен и изложен на акти на наводна тортура.

Европскиот парламент жали и за отсуството на акција од страна на јавното обвинителство во Скопје, околу жалбата на Ел Масри. Европратениците исто така забележуваат дека Европскиот суд за човекови права со одржувањето на јавната расправа на 16. мај 2012, смета дека однесувањето, кое и се припишува на македонската влада во овој случај, е спротивно на основните принципи на Европската унија, фундаменталните права и правната држава.

Khaled El-Masri

Калед ел Масри

Европратениците сметаат дека овoј случај треба да се најде и на дневниот ред на Европската комисија, директно поврзани со кандидатурата на Македонија за членство во Европската унија.

„Што се однесува до Македонија, ние треба да инсистираме да спроведе истрага во рамките на процесот за пристапување. Се разбира не би било праведно да се покаже со прст на една од најмалите земји, бидејќи најголемите земји, како мојата треба да бидат пример во однос на истрагите. Се надевам дека ќе има независна истрага и во Велика Британија“, изјави за Дојче веле британската европратеничка Сара Лудфорд (либерали), која во Комисијата за надворешни работи на ЕП беше известувач за оваа резолуција.

„Вистина е дека Македонија, треба да очекува да и бидат поставени прашања околу овој случај. Единствената можност да се направи тоа и да се добие нешто е пред таа да стане членка“, додаде Лудфорд.

Во усвоената резолуција за сомневањата за илегалните активности на ЦИА во европските земји, подготвена од француската европратеничка Еле Флотр (зелени), Европскиот парламент ги повикува државите членки да спроведат соодветни истраги за постоењето на тајни затвори на нивната територија. Европратениците постигнаа согласност повторно да го разгледаат ова прашање за една година.