1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

„Епл“ ќе касира помалку од „Самсунг“

Наместо речиси една милијарда долари, производителот на смартфони, „Самсунг“, на својот конкурент „Епл“ треба да му плати само 599 милиони за кршење на правата на патент.

Федералниот суд во САД ја намали вчера на речиси половина сумата од една милијарда долари отштета, која компанијата „Самсунг електроникс“ треба да ја плати на „Епл“ за нарушување на правата за дизајн и технологијата на популарни смартфони и таблет компјутери.

Судијата Луси Кох од судот во Сан Хозе ја намали за 450,5 милиони долари отшетата за „Епл“, при што „Самсунг“ сега ќе треба да плати 599 милиони долари.

Според судијата, биле направени грешки во процесот при утврдувањето на сумата на отштетата. Затоа, треба да започне нов процес во однос на обвинувањата на „Епл“ дека од компанијата „Самсунг“ ги краделе нивните идеи во повеќе од 14 модели на смартфони и таблети, вклучувајќи го хитот „Самсунг галакси“. За натамошни 14 модели судијата не ја промени сумата која треба да ја плати „Самсунг“.

„Епл“ го тужеше „Самсунг“ за кражба на идеите за производство на повеќе видови смартфони и таблет-компјутери. Се очекува случајот да стигне на крајот дури и пред Врховниот суд на САД. „Епл“ во април 2011 година од „Самсунг“ побара надомест од околу 2,5 милијарди долари. Поротниците на американскиот концерн лани му одобрија отштета од 1,05 милијарди долари за копирање од „Самсунг“ на иновативната техника која „Епл“ ја користи во Ајфон и Ајпед.

Но, тужба поднесе и „Самсунг“, барајќи од својот главен конкурент 399 милиони долари, а истовремено жестоко критикувајќи ја пресудата во корист на „Епл“ и нефер-третманот пред судот.

„Епл“ и „Самсунг“ водат огорчена борба за поделба на пазарот на смартфони и таблети и се обидуваат пред судовите во различни земји да обезбедат предност во однос на почитувањето на патентните права. Двата концерна заедно контролираат половина од светскиот пазар со смарфони.