1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Енергетскиот пресврт ќе голтне многу пари

Германската канцеларка Ангела Меркел енергично се спротивстави на скептиците дека проектот за енергетски пресврт не може да се реализира во предвидената временска рамка. Усвоениот план може да се реализира до 2022 год.

Германската канцеларка Ангела Меркел и министрите за економија и животна средина Филип Реслер и Петер Алтмајер беа во посета на Сојузната агенција за електро, сообраќајни и телекомуникациони мрежи во Бон. Темата „енергетски пресврт“ во Германија таа очигледно ја издигна на канцеларско ниво. Меркел има намера целосно да го реализира проектот - Германија до 2022 година целосно да го напушти користењето на атомската енергија. „Енергетскиот пресврт, како што го утврдивме пред една година, може да се спроведе. Чувствуваме дека апсолутно сме обврзани за овие цели. Сите други дискусии за нашата работа не играат никаква улога“.

Energiegipfel Bundeskanzlerin Merkel

Ангела Меркел

Со ваквиот став на канцеларката се согласија и двајцата министри. Проблем, како и досега, претставува мрежната наградба. Струјата добиена од енергија од ветер се произведува пред се’ во северна Германија, но потреба од неа постои на југот на земјата. Тоа што многу проекти временски заостануваат не ја вознемирува канцелараката. „Може да се каже дека чашата е полупразна. Работат само сто километри мрежа од големиот број километри кои допрва треба да се изградат. Но може да се каже дека процесите многу се забрзаа. Можеби некои заостатоци, ќе можеме да ги надоместиме.“

Херкуловска задача

Задачата да се постават нови електрични водови низ Германија им е доделена на четирите големи германски фирми за преносни мрежи. Според нивните проценки, надградбата и изградбата на трасите ќе чини околу 20 милијарди евра. Тие во енергетскиот пресврт гледаат и херкуловска задача. Според Мартин Фукс од фирмата „Тенет“, мораат да бидат поставени нови водови во должина од околу 3.800 километри. Фирмите за преносни мрежи за тоа би биле подготвени. „Само тоа нема да биде доволно. Исто толку важно е проектите да добијат одлучна политичка поддршка. Ако со години дискутираме околу земните кабли, проектите на лице место ќе останат заглавени“.

Оттука, не чуди фактот што новиот сојузен министер за животна средина, Петер Алтмајер, енергетскиот пресврт го оцени како најголем предизвик во неговата досегашна политичка кариера. Тој сака да ги надмине блокадите и најави соработка со министерот за економија Реслер. „Ќе се погрижиме за тоа на политичко ниво, двајцата министри и двете министерства, да работат во заемна доверба, за од тоа да произлезе позитивен сигнал дека германската влада го посакува овој енергетски пресврт и дека во наредните години тоа ќе го спроведе.“

Од денеска (30.05) за сите ќе бидат достапни плановите за трасите. Потоа, до средината на јули, сите граѓани, здруженија и стопанството ќе може да се произнесат по тоа прашање. На крајот на годинава би требало да се знае како ќе се пренесува струјата низ Германија. Министерот за економија Реслер смета дека голема предност е што постоечките струјни траси можат да бидат надградени и не мора се’ да се гради ново. Министерот се надева и дека со надградбата на постоечките струјни водови ќе бидат предизвикани помалку граѓански протести.