1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Енергетска секако – дали и политичка криза во Кавказот!?

Снабдувањето со земен гас на Грузија и Ерменија од страна на рускиот монополист Газпром се‘ уште не обновено. Руската страна тврди дека две подметнати бомби го оштетиле централниот гасовод кон јужниот кавкаски регион и се сомневаат дека зад атентатот повторно стојат чеченски бунтовници.

Гасовод во Русија

Гасовод во Русија

Грузискиот Претседател Михаил Саакашвили, меѓутоа, ја обвинува Русија за намерен, стратешки прекин на снабдувањето.

Проблемите со снабдувањето на двата јужни соседа на Русија со земен гас доаѓаат во посебно неповолна ситуација. Температурите во целиот регион се движат далеку под нулата, дури и минус 20 степени Целзиусови, а резревите во обете земји не стигаат повеќе одколку за еден ден. Згора на тоа и снабдувањето со струја е во тешка криза, бидејќи наводно и еден далновод од Русија кон двете кавкаски републики бил цел на бомбашки напад. Покрај тоа во обете земји и тамошното производство на електрична енергија во добар дел е врзано за гасни турбини, кои наскоро ќе запрат додека не се поправат гасоводите. Граѓаните на Грузија и Ерменија на студот чекаат во долги редици за да се снабдат со резерви земен гас во плински боци. Училиштата и универзитетите денеска нема да работат.

Раководството на Газпром соопшти дека ќе се обиде да ги порави гасоводите во рок од три до четири дена по вчерашната експлозија. Тоа што руските власти во истрагата по сторителите ја вклучија руската тајна служба задолжена за разузнавање на сопствена територија, посочува на сомнеж дека зад атентатите стојат чеченски бунтовници и исламски терористи. Местото на нападот е 30 км оддалечено од Владикавказ, главниот град на Северна Осетија, каде пак се стационирани многу руски војници кои случат во соседна Чеченија. Тие и во минатото често беа мета на крвави напади, а и гратчето Беслан каде во масакрот врз училиштето во 2004-та година настрадаа 300 лица, не е многу далеку.

Грузискиот Претесдател Михаил Саакашвили меѓутоа не ја прифаќа тезата за терористички напад врз гасоводот:

„Атентатите беа добро искоординирании и беа многу ефикасни. За тоа се потребни многу часови подготовка, такви напади не можат туку така да се изведат во зоната на висока безбедност. Тоа е незамисливо и покрај сите потешкотии што Русија ги има во регионот. Така што целата работа е многу чудна„ – оцени Саакашвили.

И не само многу чудна, туку грузискиот Претедател директно ја обвини Русија дека брутално и го прекинала на неговатс земја снабдувањето со земен гас, слично како и неодамна на Украина. Обете поранешни советски републики имено по пат на мирни револуции се отргнаа од руската сфера на влијание и се свртеа кон Западот. Ова е политички притисок, нагласи Саакашвили, додека рускиот Газпром апелираше целата криза да не се политизира непотребно.

Русија и самата има проблеми со снабдувањето со енергија. На почетокот од неделата повторно се очекуваат температури до минус 20, па и минус 30 степени целзиусови. Денеска во Москва се најавени редукции на струја поради преоптовареноста на електро и термо централите. А главниот снабдувач со земен гас Газпром призна за прв пат дека има проблеми со снабдувањето на домашниот пазар. Проблеми има и во снабдувањето со земен гас на Италија од страна на Газпром, а и Романија наводно добила помалку од ветените количини. Сепак европските земји не очекуваат сериозни проблеми во снабдувањето на домаќинствата, туку доколку и дојде до потешкотии, тоа прво ќе ги засегне претпријатијата. Тие пак располагаат со доволни количества резервен гас.