1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Емотивно сведочење во процесот против НСУ

Пред судот исказ даде Исмаел Јозгат, татко на една од жртвите на неонацистичкиот терор. Соработник на тајната служба, тврдеше дека ништо не видел, иако за време на убиството бил во непосредна близина.

Поранешниот соработник на германската тајна служба Андреас Т. пред судот во Минхен денеска тврдеше дека воопшто не го забележал убиството на Халит Јозгат, иако за време на злосторството бил во непосредна близина на настанот. Повикан како сведок на судењето на Беате Чепе, единствената преживеана од неонацистичката група која изврши 10 убиства во Германија, 46-годишниот Андреас Т. изјави дека за убиството дознал дури неколку дена подоцна.

Халит Јозгат бил убиен во сопственото интернет-кафуле, среде ден на 6 април 2006 година. Германското обвинителство се обидува да докаже дека обвинетата Чепе била присутна во кафулето за време на убиството, а надежите беа дека токму поранешниот соработник на службите ќе го потврди тоа. Андреас Т. за време на убиството бил во еден дел од кафулето каде „сурфал“ на интернет. Тој тврди дека откако му минало времето, безуспешно го барал сопственикот Халит Јозгат за да му плати, но не успеал да го најде, а парите ги оставил на шанкот. Притоа, ништо не видел и не чул. За причината поради која не се пријавил како сведок за настанот, Андреас Т. објасни дека читајќи за убиството во весник ги измешал деновите кога тој бил во кафулето и за кога мислел дека тоа се случило.

На денешното продолжение од процесот против неонацистичката група НСУ, сведочеше и таткото на убиениот Исмаел Јозгат. Тој директно ѝ се обраќаше на обвинетата Чепе, барајќи од неа да објасни зошто бил убиен неговиот син. Со многу емоции и солзи, тој раскажуваше и за голготата низ која минало неговото семејство во годините по убиството, бидејќи полицијата се сомневала дека убиството било извршено од некој во кругот на семејството.

Извршители на убиството најверојатно биле преостанатите двајца членови на неонацистичката група Уве Бонхарт и Уве Мундлос, кои извршија самоубиство во 2011, откако полицијата им влезе во трага.