1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Елитни спортски училишта за подршка на млади таленти

Во нив младите таленти можат да му се посветат на спортот, без да го запостават школувањето

Спорт и учење - рака под рака

Спорт и учење - рака под рака

Врвниот спорт живее од таленти. Организираните клубови и спортски друштва ангажираат посебни стручњаци, таканаречени скаути или ловци на таленти, за откривање млади со предиспозиции за врвни постигнувања. За таквите спортски таленти, меѓутоа, проблем е како паралелно со спортот да бидат успешни и во школувањето. Во Германија има 38 елитни спортски училишта, кои се обидуваат да го премостат тој јаз. Ви претставуваме едно од нив.

На прв поглед сосем “нормално” училиште, а всушност нешто посебно за деца воодушевени од спортот. Овде може од петто одделение да се одбере спорт како посебна гранка, во која тој е во преден план. Поради тоа некои ги споредуваат елитните училишта со поранешните спортски школи во некогашната Источна Германија.

Но, не е баш сосем точно, смета Петер Гатерман, соодговорен за спортската гранка: “За нас како училиште посебно е важен школскиот развој на учениците - тие од една страна да можат да се занимаваат со квалитетен спорт, а од друга еднакво да напредуваат во наставата како и во секоја друга гимназија. Според она што го слушам, во старите кадровски школи на Германската Демократска Република било поинаку – таму спортските постигнувања биле апсолутно во преден план”.

Тоа е овде навистина поинаку: основците-четвртоодделенци кои сакаат да се запишат во оваа гимназија, мораат да го положат спортскиот тест, но и да имаат добри оценки во свидетелството. Оти, не секој што ќе ја одбере оваа школа на крајот станува и врвен спортист.

Поголемиот дел, всушност, и не започнуваат директно овде, туку се префрлуваат на ова училиште за да можат да профитираат од оптималните услови. “Предноста сосем јасно е згриженоста во самото училиште, но и бесплатната дополнителна помош, ако нешто во наставата не си го разбрал доволно. Се разбира, тука е и едноставното ослободување од часови за да може да се оди на тренинг или на натпревар, за што во други училишта се креваат цели востанија” – вели ученикот Бенјамин Хедерман, фрлач на кладиво.

Добрата соработка меѓу училиштето и спортскиот клуб не само што е важна за усогласување на календарот на натпревари и термините за настава, туку е и предуслов за да се има статус на елитна спортска школа. Спортското друштво Баер Леверкузен е важен партнер на оваа гимназија. Најголемиот дел од 40-те спортисти-гимназијалци настапуваат за екипи на Баер. Со тоа училиштето профитира од професионалниот тренинг и згриженост, од добрите спортски терени и широкиот спектар на застапени спортови.

“Друштвото Баер Леверкузен е едно од најголемите и врз најширока основа поставени спортски друштва во Германија. Тоа значи дека, на пример, ги имаме 4-те големи спортски игри со топка, потоа во последно време и многумина добри атлетичари, кои учествуваа и на светски јуниорски првенства”, вели Петер Гатерман.

Бенјамин Хедерман, на пример, на последното светско првенство за атлетичари до 20-годишна возраст го освои 7-то место во фрлање кладиво. За него тоа ни оддалеку не е доволно. По две години тој треба да матурира во гимназијата, а во меѓувреме и да ја унапреди својата спортска кариера. Предусловите се тука, но на крајот на краиштата тој самиот мора да учи и тренира за успехот што го посакува: “Се разбира, олимписки игри и светски првенства; воопшто - да бидам колку што е можно поуспешен на меѓународен план” – вели Хедерман за своите желби и планови.