1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Лицата на Германија

Елен Гернер, невработена од Дрезден

Елен Гернер има 54 години и еднаипол година е без работа. Таа живее со нејзините деца во Дрезден. Но, би отпатувала и до крајот на светот ако таму најде работа.

default

Само не попуштај, не се обесхрабрувај. Се чини ова е животното мото на Елен Гернер. Во малиот трособен стан на шестиот кат од зградата на периферијата од Дрезден, навистина е малку тесно, но во никој случај не е неуредно. Масата за појадок се поставува ’според пропис’, зашто тоа ја подобрува поврзаноста во „пачворк-семејството“, како што на модерен германски се нарекува семејство кое се разликува од класичната шема татко-мајка-дете.

Три од петте деца на Елен Гернер се‘ уште живеат заедно со мајката. Тоа се две момчиња-тинејџери и 25-годишната ќерка Улрике. Улрике е исто така мајка, нејзиниот син Мауро тргнал на училиште во 2009 година. Во станот кој има 70 метри квадратни, заедно живеат три генерации на тесен простор. Момчињата се на обука, а ќерката сака да стане медицинска сестра. Секој има свои дневни обврски.

Најголем непријател на Елен Гернер е монотонијата во нејзиниот живот. Напорно е да не се прави ништо. Таа

Gesichter Deutschlands Porträt ElGöP2.jpg

Најголем непријател на Елен Гернер е монотонијата во нејзиниот живот

само чисти со правосмукалка, брише, гледа телевизија и проверува имејлови. На интернет досега не нашла пристојна понуда за работа!

Децата не се замена за работа

Камбаните на блиската црква бијат во 12 часот напладне. Тоа значи дека Елен треба да го земе внукот од училиште. Набрзина уште една цигара и веќе чека во училишниот двор.

Трас! Во големата бара покрај неа паѓа еден портокал, потоа уште еден. Јакната на Елен Гернер е валкана. Од прозорецот на вториот кат од старото училиште одекнува пакосно смеење. Елен е лута: „Во наше време ова беше незамисливо!“ Пред да негодува и понатаму, пред неа застанува Марио. Тој и‘ се радува на баба му.

И другиот внук, малиот Линус, сака да оди кај баба му. Можеби 54-годишната Елен треба да отвори градинка? Таа одбива, оти по пет сопствени деца веќе нема нерви за тоа.

ГДР - Куба - Германија

Елен Гернер се родила и израснала во Цвикау, во Саксонија, каде нејзините родители се преселиле по војната. Тие биле Судетски Германци, значи припадници на германското малцинство во чешките области пред Втората светска војна. По 1945 година, Судетските Германци биле протерани од нивната татковина и така родителите на Елен Гернер се доселиле во Цвикау. Таа била одлична ученичка - завршила како втора најдобра во нејзиното одделение. Всушност, требало да студира. Но, за тоа требало да го напушти Цвикау, а таа тогаш не сакала. Се вработила во фабрика за хартија, потоа во некоја пекарница која произведува на големо. Радо се навраќа на времињата во некогашната ГДР: „Сите имавме работа. Во споредба со сега, платите беа исто така добри. Немавме банани секој ден, портокалите беа од Куба. Тоа се поинакви портокали, од кои се прави сок. Но, не ни беше лошо.“

Од Куба не доаѓаа само портокалите, туку и работници. Елен запознала и засакала еден од нив. Кратко пред паѓањето на Берлинскиот ѕид, со него била во Куба. Елен Гернер доживеала вистински културен шок, кога во 1996 година од Куба се вратила дома. Цвикау, кој во ДДР бил индустриски град, сосема замрел. Веќе ништо не функционирало. Сите претпријатија биле затворени, меѓу нив и пекарницата за производство на големо каде работела Елен.

Елен не се предава - завршила преквалификација, научила да работи на компјутер, променила различни работни места. Прво работела во дом за лица со оштетен слух, подоцна се вработила на Канарскиот остров Ланцароте. Европа се обединувала, а таа зборувала шпански. Службата за вработување ја платила авионската карта до новото работно место. Работела како готвачка, на рецепција во некој луксузен хотел и во агенција за обезбедување. Потоа, настапува светската економска

Gesichter Deutschlands Fragebogen ElGöF1

Не се предава!

криза, а со неа и невработеноста. Сега Елен Гернер седи пред нејзиниот стар лаптоп во Дрезден и бара работа.

Не губи надеж

Пире од компири и филети од риба за ручек. Половината од денот, значи - мина. „Фала ти Боже“, мисли Елен Гернер! Набрзина оди до поштенското сандаче... Во него за жал повторно нема ништо. Елен се пријавила во повеќе агенции за посредување, а била и на разговор во една фирма за обезбедување. Во Дрезден има многу музеи и би сакала да работи како чувар во еден од нив.

Елен неодамна видела оглас во весник, во кој се бара рецепционерка за некој хотел во Тирол. Аплицирала и веднаш ја прашале колку години има. „Па не сум многу млада, веќе имам 54 години“, признава Елен на развлечен саксонски дијалект. Љубезно и‘ ветиле дека „ќе останат во контакт“... Оттогаш мина долго време.

Веќе 54? Можеби подобро - само 54 години! Елен Гернер не се предава: „За мене најпонижувачки е ако кажам дека живеам од социјална помош, од ’Харц 4’. Ќе направам се‘ за да го избегнам тоа.“

Ова го вели со солзи во очите.

Автор: Анастасија Буцко / Јасна Мушиќ - Јанчулева

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

WWW-линкови