1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

„Елвис Присли е уште со нас“

Елвис Присли веќе беше ѕвезда, кога во 1958 година служеше воен рок во Германија. Жителите на Фридберг и Бад Наухајм и денес се сеќаваат на кралот на рокенролот. Да беше жив, денеска ќе славеше 75-ти роденден.

default

Присли - кралот на рокенролот

Kога во 1958 година започна со отслужување на воениот рок во Германија, 23-годишниот војник Елвис Присли веќе беше ѕвезда со светска слава. Неговата музика, рокенролот, беше олицетворение на ставот кон животот на една цела генерација. Жителите на Фридберг и Бад Наухајм и денес со задоволство се сеќаваат: „Елвис Присли, идолот на безброј младинци пристигна во Бремерхафен. Со вреќа преку рамото, како и сите други војници.“

Добредојде во Германија, Присли

Elvis Presley beim Militär

Елвис Присли пристигнува во Фридберг како војник

Пристигнувањето на Присли во медиумите беше топ-тема. На пристаништето во Бремерхафен, во октомври 1958 година, стотици млади обожаватели го чекаа Елвис. Но, откако направи неколку интервјуа и фотографии, кралот на рокенролот се качи на воз за југ. На вагонот, со големи бели букви пишуваше „Добредојде во Германија“. Во Фридберг Елвис Присли беше воодушевен поради насобраните обожаватели: „Задоволство ми е да бидам овде. Ме радува што ќе запознаам многу млади луѓе.“

Крал на рокенролот

Присли бил сместен во Реј Баракс, но со специјално одобрение му било дозволено да живее надвор од касарната. Со неговата екипа беа сместени во повеќе хотели и вили, во соседниот Бад Наухајм. Војничкиот надомест од 78 долари, тогашни 300 марки, ни оддалеку не беше доволен за трошоците за кирија, кои беа триесетпати поголеми. Но, тоа не беше никаков проблем за Елвис Присли. Во Германија имаше голем успех и секоја вечер пред неговата куќа се собираа многу обожаватели: „Навистина беше грандиозно да се види Кралот на рокенролот одблизу. Тој беше ѕвезда која можеше да се допре.“ Елвис Присли дневно добивал дузина љубовни писма од девојките.

Вилата „Груневалд“ во Бад Наухајмер и денес потсетува на Елвис Присли, кој живеел таму четири месеци. Оттогаш многу работи во куќата и во неговата соба број десет не се променети. Сопственичката Рита Исбернер-Халдане вели дека некои ноќеваат таму: „Во Бад Наухајм доаѓаат луѓе од целиот свет за да ја посетат собата број десет во хотелот ’Груневалд’, а по можност и да преноќат тука.“

Der King

Кралот беше многу популарен во Германија

Музеј за Елвис Присли

Во клубот Капри во Фридберг, во касарната каде повеќе не се стационирани трупите на САД, спомените од Елвис биле повеќепати изложувани. Градоначалникот на Фридберг Михаел Келер планира таму да отвори музеј за Елвис: „Има многу приватни колекционери, но ние бараме локација каде ќе биде претставен престојот на Елвис во Германија. Тоа може да биде клубот ’Капри’.“

Елвис Присли поминал еднаипол година во сојузната покраина Хесен. Во март 1960 година си заминува од Германија, со ветување наскоро повторно да дојде. Но, не успеа да го одржи ветувањето. Сепак за многу обожаватели Елвис и денес е присутен: „Собата на Елвис која изгледа исто како тогаш и ја има истата атмосфера, е единственото автентично место во Германија каде е присутен духот на Елвис и она што го претставува тој. Тоа секогаш ни дава чувство дека Елвис е меѓу нас.“


Автор: Клаус Прадела / Јасна Мушиќ - Јанчулева

Редактор: Жана Ацеска