1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

ЕК повторно ќе препорача почеток на преговори за Македонија

Нова препорака за почеток на преговорите за членство на Македонија во ЕУ од Европската комисија, со укажување на ЕК до Советот на Унијата да го овозможи ова без понатамошно одлагање, од што корист ќе има целиот регион.

Ова е клучниот заклучок во најновиот извештај на Комисијата за Република Македонија, што официјално комесарот за проширување Штефан Филе ќе го претстави в среда, чија драфт-верзија успеа да ја добие дописникот на МИА од Брисел. Драфт-документот е конечен и не се очекува да се промени при усвојувањето на Колеџот на комесари во среда, а според заклучоците тој е убедливо најпозитивен досега за Македонија. Во поединечниот прогрес-извештај, кој ќе биде меѓу 50 и 70 страници, за Македонија се очекува еднаш-двапати да се спомене и придавката „македонски“ во однос на јазикот и народот, со цел да се задоволат барањата на македонските највисоки политички претставници.

„Поранешната југословенска Република Македонија доби кандидатски статус во 2005. година. Во 2009. година, Комисијата оцени дека земјата доволно ги исполнила политичките критериуми и препорача отворање на преговори за членство. Оваа препорака беше повторена од страна на ЕК и во 2010. и 2011. година, како и сега во 2012. година“, се вели во драфт-верзија на Стратегијата за проширување во која се наоѓа резиме од прогрес-извештаите за секоја земја што се наоѓа во овој процес. Стратегијата за проширување за 2012-2013 година, освен за Македонија се однесува и на други шест земји (Турција, Србија, Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Исланд), а Комисијата подготвува една физибилити студија за Косово и се‘опфатен извештај за мониторингот над Хрватска, која следната година станува полноправна членка на Унијата.

Во врска со Република Македонија, во својата Стратегија, Комисијата потенцира дека „силно верува дека напредувањето на процесот на пристапување на земјата во следна фаза е потребно со цел да се консолидираат темпото и одржливост на реформите, особено во однос на владеењето на правото, како и за зајакнување на меѓуетничките односи“. Притоа, ЕК потенцира дека во врска со Македонијаи нејзиното пристапување во ЕУ„Регионот како целина ќе има корист”.

Понатаму, Комисијата наведува дека: „Земјата продолжува да ги исполнува своите обврски во рамки на Договорот за стабилизација и асоцијација (САА). Комисијата ја одржува својата препорака да се премине во втора фаза од асоцијацијата и го охрабрува Советот на ЕУ да постапи по ова без понатамошно одложување, во согласност со релевантните одредби на Договорот за стабилизација и асоцијација“. Тоа го потврдува фактот дека ЕК бара од Грција да не ја попречува Македонија на декемврискиот Совет на Унијата и да дозволи да добиеме датум за почеток на преговори.

Flaggen der EU und Mazedonien in Skopje

„Земјата продолжува доволно да ги исполнува политичките критериуми. Владата ја постави ЕУ-агендата во центарот на своите активности. Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД) со Комисијата служи како катализатор за забрзување на реформите и придонесе за значителен напредок во голем број клучни политички области. Владата поднесе предлог до Собранието за подобрување на законската рамка за избори и во областа на слободата на изразување за декриминализација на клеветата. Првиот преглед на Владата на имплементацијата на Охридскиот рамковен договор обезбеди употреблива алатка за зацврстување на меѓуетничкиот дијалог“, се посочува во извештајот на ЕК.

Комисијата предлага и дека „Моментумот на реформите мора да се одржи во сите области од политичките критериуми, особено да се обезбеди нивно спроведување“. Според ЕК, ова е особено важно во владеењето на правото, вклучително во однос на слободата на изразување, каде според Комисијата мора да се засилат напорите.

„Дијалогот на тркалезна маса меѓу Владата и Здружението на новинари треба да продолжи да биде корисен форум за решавање на клучните предизвици во врска со медиумите. Тензиите меѓу заедниците по насилните инциденти во првата половина на 2012. година предизвика загриженост. Владата одговори зрело на овој предизвик и треба да се работи на понатамошно зајакнување на меѓуетничките односи и помирувањето, посебно во светло на дебатата во врска со статусот на жртвите од конфликтот во 2001. година“, потенцира Европската комисија.

Во клучниот извештај на Комисијата за Македонија, наметнатиот спор за името со Грција е во фокусот и притоа, во својата Стратегија за проширување поврзана со земјата, ЕК препорачува:

„Додека влегуваме во 20-годишнината од приемотна поранешната југословенска Република Македонија во Обединетите нации (ООН), спорот за нејзиното име со Грција останува нерешен. Дијалогот под покровителство на ООН се одвива уште од 1990-та и од 2009-та година е надополнет со билатерални контакти, вклучително и на премиерско ниво. Како и да е, овие процеси досега не донесоа некаков резултат, се вели во извештајот.

Што е многу важно за Македонија, ЕК ја споменува и пресудата на Меѓународниот суд на правдата.

„Во декември минатата година, Меѓународниот суд на правдата утврди дека Грција ја прекршила Времената спогодба со земјата со спротивставување на нејзиниот прием во НАТО на Самитот во Букурешт во 2008. година. Останува есенцијално одржувањето на добрососедски односи, вклучувајќи компромисно и меѓусебно прифатливо решение на прашањето за името, под покровителство на ООН. Решение мора да се најде без понатамошно одлагање. Акции и изјави што можат негативно да влијаат на добрососедските односи треба да се избегнуваат“, препорачува Комисијата на крајот.

Портпаролот на комесарот Филе, Петер Стано не сакаше да ги потврди или негира овие наводи од драфт-верзијата на извештајот на ЕК за Македонија.