1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

ЕК: Македонија ќе оствари раст од 1,5 отсто

Македонската економија во оваа година ќе порасне за 1,5 отсто, а во наредната година растот ќе достигне два отсто, по негативната стапка на раст од 0,3 отсто во 2012 година, предвидува Европската комисија

Прогнозата зa растот на македонскиот БДП од страна на Европската комисија е поголема од просекот на Европската унија и еврозоната, но е пониска од прогнозите на македонската влада и ММФ, кои предвидуваа растот во 2013 година да изнесува два отсто. Предвидениот јавен долг на Македонија за 2013 година е 34,3 отсто, а за наредната година е 36,1 отсто од БДП. Македонија покажува знаци на силна економска состојба и одржливост, што не може да се каже за самата ЕУ, за еврозоната и поголем број од земјите-членки на големото европско друштво, се наведува во извештајот.

Јавниот долг во ЕУ се очекува годинава да достигне 89,9 отсто од БДП, а во еврозоната да изнесува 95,9 отсто, што е далеку над максимално дозволените 60 отсто. Единствено Луксембург и Бугарија имаат понизок јавен долг од Македонија. Бруто-домашниот производ се намали за 0,3 отсто во 2012 година, по растот од 2,8 проценти во 2011 година. Приватната pотрошувачка остана слаба, остварувајќи пад од 1,2 проценти. Растот на инвестициите од 12,1 отсто се покажа еластичен и беше поттикнат пред крајот на годината со бумот во владините капитални трошоци. Сепак, позитивниот придонес на домашната побарувачка за растот на производството беа повеќе од компензирани со повлекување од надворешната побарувачка.

Паѓа извозот, расте дефицитот

Извозот на стоки закрепна малку во втората половина на минатата година, но во целата 2012 година беше под нивото претходната година. Со оглед на малото зголемување на увозот, веројатно поттикнат од зголемената увозна побарувачка на новопоставените странски инвестиции, трговскиот дефицит се прошири маргинално во 2012 година. ЕК наведува дека Македонија во поглед на рамнотежата на услугите влегла на негативна територија во последните месеци од годината што довело до значително намалување на годишниот суфицит. Тековните трансфери останаа силни на околу, во просек 21 проценти од БДП, иако беа во опаѓање кон крајот на годината, па оттука дефицитот на тековната сметка се зголеми на 3,9 отсто во 2012 година, во споредба со 2,7 отсто во претходната година. Финансирањето на тековната сметка силно се потпираше на силен прилив на директни странски инвестиции во последниве години, но ова се намали за околу две третини во 2012 година.

Инфлацијата од 3,9 отсто во 2011 година падна до 3,3 отсто за 2012 година, главно поради слабото зголемување на цените на храната и трошоците за домувањето и за комуналиите.

Ситуацијата на пазарот на трудот останува слаба, но евидентирано е мало зголемување на вработеноста во 2012 година, при што просечната стапка на невработеност за годината падна од 31,4 отсто во 2011 година на точно 31 отсто минатата година. Во прогнозата на Комисијата за Македонија се наведува и дека јавните финансии и понатаму се влошуваа во 2012 година, односно буџетскиот дефицит се искачил 3,8 отсто во споредба со 2,5 отсто претходната година што е повеќе и од ревидираниот дефицит на владата од 3,5 отсто.

Мал пад на невработеноста

EU-Erweiterungs Kommissar Oli Rehn in Sarajewo, Bosnien

Оли Рен

ЕК проценува дека економскиот раст на Македонија ќе биде поттикнат од инвестициите, додека се очекува приватната потрошувачка годинава да падне. Извозот од Македонија може да расте подинамично од увозот, како резултат на малото закрепнување на надворешната побарувачка и до завршувањето на некои извозно ориентирани проекти за директни странски инвестиции. Тековните трансфери се предвидува да останат еластични и да се обезбеди стабилен извор на финансирање на домашната побарувачка. Генерално, дефицитот на тековната сметка најверојатно ќе се продлабочи на околу 5,2 проценти во 2014 година, главно на сметка на влошување на трговското салдо. Инфлацијата се очекува да забавува до 3,2 отсто во 2013 година, по очекуваниот застој во увозниот пораст на цените и да забавува и понатаму до 2,8 отсто во 2014 година. Растот на вработеноста ќе се забрза маргинално во 2013 година, во согласност со забрзаниот раст на производството, додека стапката на невработеност е проектирана за да овозможи понатамошен пад што би стигнал до вкупен процент од 30 проценти на невработени во 2014 година. Порастот на платите се очекува да остане низок, со оглед на потребата да се остане конкурентен. ЕК прогнозира македонската влада да го исполни предвидениот буџетски дефицит од 3,6 отсто во 2013 година.