1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

ЕК: Критиките на ММФ за Грција се неосновани

Признанието на Меѓународниот монетарен фонд дека се направени грешки во процесот на спасување на Грција од кризата, наидува на целосно неразбирање кај партнерите на ММФ во Тројката.

Европската комисија нагласува дека со ММФ има „темелни несогласувања“, особено околу терминот за отпис на долговите на Грција. За разлика од ММФ, ЕК смета дека „отписот, кој беше направен во пролетта 2012 година, не можел никако да се случи во 2010 година“, изјави портпаролот на Комисијата, Симон О‘Конор.

Извештајот што ММФ го објави вчера (05.06), не ја зема предвид „поврзаноста меѓу ЕУ-земјите“ и ја игнорира тогашната опасност од дестабилизација за монетарната унија, критикува О‘Конор. Пред три години Тројката, составена од експерти на ЕК, ЕЦБ и ММФ, и не постоеше. Критиката на ММФ на сметка на економските реформи што и‘ беа наложени на Грција, според портпаролот на ЕК, едноставно е „погрешна и неоснована“.

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) призна дека се направени грешки и „значајни неуспеси“ во текот на првиот пакет помош за Грција. Програмата од 2010 година поаѓаше од преоптимистички проценки за развојот на грчките државни долгови и за можноста за реформи во земјата, се вели во извештај на ММФ за тогашната стратегија.

Програмата за помош помогна Атина да не мора да излегува од еврозоната и се спречи прелевање на кризата во таков размер на другите земји, се констатира во извештајот. Во него се додава дека големите мерки на штедење и структурните реформи во замена за финансиска помош биле неизбежни, но се потцениле драматичните последици за грчкото стопанство и за општеството. ММФ во анализата ја критикува и соработката со ЕК и ЕЦБ во таканаречената Тројка. Се вели дека имало проблеми при координацијата, како и различни цели.