1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

ЕК задоволна од формирањето на Анкетната комисија

Европската комисија ја поздрави веста дека конечно е постигнат договор за составот на Комисијата за истрага на настаните од 24 декември во Македонија.

Петер Стано, портпарол на комесарот за проширување на Европската унија, во изјава за МИА потврди дека во ЕК со задоволство е примена информацијата дека власта и опозицијата постигнале договор за Комисијата.

„Создавањето и резултатите на оваа Комисија се суштински елемент на политичкиот договор од 1 март, кој стави крај на политичката криза по настаните од 24-ти декември. Се надеваме дека ова ќе го отвори патот за спроведување на други важни елементи од тој договор“, вели Стано (на фотографијата).

Гласноговорникот на Филе и ЕК вели дека сега се очекува Комисијата за истрага на ланските собраниски настани да работи експресно и заклучоците и наодите да бидат обелоденети во блиска иднина.

„Не треба да се губи повеќе време“, ја пренесува Стано пораката на еврокомесарот Филе.

Неформирањето на Комисијата за истрага беше еден од клучните аргументи со кои се очекуваше да настапи грчкиот министер за надворешни работи Димитрис Авромопулос на последниот состанок на Советот за општи работи (ГАК), што ќе се одржи на 25-ти овој месец, три дена пред клучниот Самит на Европскиот совет, на кој се очекува Македонија по пет едноподруго позитивни извештаи и препораки од Европската комисија, конечно да добие датум за почеток на пристапните преговори со Унијата.

Дека со неуспехот да се формира Комисијата е доведен во прашање демократскиот капацитет во Македонија, се очекуваше да им биде најсилен аргумент за нова блокада на Грците, кои четири години ставаат вето во ЕУ на почеток на преговорите за членство на Македонија. Комесарот Филе и други европски официјални лица постојано повторуваа изминатиот период дека е многу важно да се формира составот што ќе ги испита настаните во и околу македонското Собрание на 24-ти декември минатата година.

Известувачот за Македонија од Европскиот парламент, Ричард Ховит, побара од Европската комисија да престане да дава препораки за земјата ако добие уште едно грчко вето, од причина што на тој начин и Комисијата и Унијата губат од авторитетот.