1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

ЕК директно ќе преговара со Русија за „Јужен поток“

Министрите и државните секретари за енергија на земјите-членки на ЕУ денеска и доделија мандат на ЕК да преговара директно со Русија за спорните билатерални договори за изградба на гасоводот „Јужен поток“.

Еврокомесарот за енергетика Гинтер Етингер, на денешната прес конференција по состанокот на министрите, обелодени дека тој добил мандат од шесте земји-членки на ЕУ што имаат договор за рускиот гасовод, во нивно име идниот месец да се договори за спорните работи, јавува дописникот на МИА од Брисел.

„Разговаравме за сите енергетски инфраструктури кои влегуват на внатрешниот пазар на Европската унија и тука постојат закони што го регулираат тоа. Различно е кога станува збор за користење на инфраструктурата и пристапот до гасоводите. Станува збор за постоечките гасоводи и за оние чија изградба се подготвува, без оглед на тоа кој е нивен произведувач, која ја врши испораката, кој е градител и на крај кој е корисник на гасоводот. Кога ’Јужниот поток’ е во прашање, нема исклучок, па оттука ние продолжуваме да расправаме заедно со руските партнери и земјите-членки што се вклучени во програмата“, посочи еврокомесарот Етингер.

Според него, гасоводот „Јужен поток“ минува низ пазарите на земјите-членки на ЕУ и за тоа ќе се разговара со Русија.

„Ќе разговараме со Москва, сметаме дека ’Јужен поток’ е важно дополнување на се‘европската мрежа на гасовод и ние не сме против. Но, европското законодавство мора да биде почитувано, пред се‘ кога станува збор за заштита на животната средина и потрошувачите“, додаде Етингер.

Според еврокомесарот за енергетика, гасоводот „Северен поток“ нема посебни привилегии, но ЕУ има правила и исклучоци, а дека во случајот со овој гасовод е побаран исклучок, односно проучени се барањата за исклучок и постигнат е договор за некои од нив.

SER Die South Stream und Trans-Adriatic Pipelines

Но, тоа, според него, не било случај со „Јужен поток“ и досега ниту една од земјите-потписнички на билатералните договори со Русија не побарале нашто такво од Европската комисија.

„Иако договорите за гасоводот се склучени меѓу земјите-членки и Русија, ние како Еврокомисија добивме мандат од земјите-членки да преговараме во нивно име со руската влада за правни прашања. Ние во случајов сме адвокати на земјите- членки и во нивно име ќе преговараме со руската влада“, додаде Етингер.

Според информациите од канцеларијата на еврокомесарот за енергетика, на денешниот состанок на министрите и државните секретари за енергетика на земјите- членки на ЕУ, поради случајот со „Јужен поток“ присуствувал и висок претставник на српската влада, бидејќи Србија, како и Македонија, се двете земји-кандидати за членство во Европската унија што имаат потпишано билатерални договори за гасоводот „Јужен поток“, исто како и Бугарија, Унгарија, Словенија, Австрија, Грција и Хрватска, кои ја овластија Еврокомисијата да преговара во нивно име со Москва.

Еврокомисијата, сепак, препорачува дека и Македонија ќе мора да го смени билатералниот договор со Русија, бидејќи во спротивно, заедно со Србија,

како кандидати за членство ќе го прекршат законодавството на ЕУ, за што може да добијат полоши санкции од они што ги очекуваат земјите-членки на Унијата опфатени со рускиот гасовод.

Инаку, најголем проблем во односите ЕУ-Русија за „Јужен поток“ е тоа што, според Русите, договорите што се потпишани со земјите-членки на Унијата, Македонија и Србија се базираат на меѓународното, а не европското право. Според Европската комисија, меѓутоа, Лисабонскиот договор на ЕУ предвидува сите потпишани меѓународни договори што се однесуваат на територија на Европската унија, да мора да бидат опфатени и со европското право.

Ако некоја од земјите-членки одбие да преговара за нов договор со Русите, ризикува да биде дадена на Европскиот суд на правдата и да трпи некаков вид на санкции. Ова не се однесува на земјите-кандидати како Македонија и Србија. Според договореното на денешниот состанок, на 17 јануари идната година, еврокомесарот Етингер ќе има директна средба со рускиот министер за енергетика, а за темата „Јужен поток“ ќе се разговара и една седмица подоцна во рамки на Самитот ЕУ-Русија во Брисел. Во меѓувреме, експерти од сите земји потписнички на договорот за гасоводот ќе дискутираат за ова исто така идниот месец во Брисел.