1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Во мисија на зближување

Екстремниот национализам победен, клишеата сѐ уште не

Речиси две децении по воената ера, изгледа дека национализмот во Србија е победен. Сепак активистите на невладините организации и натаму се борат против неговите остатоци. Меѓународнaта поддршка притоа игра голема улога

Белградскиот булевар „Зоран Ѓинѓиќ“ го носи името на првиот демократски шеф на владата на Србија. Заложбите на Ѓинѓиќ за модернизирање на земјата и за нејзино отворање кон Европа по ерата на Слободан Милошевиќ завршија во 2003. година со атентатот врз него. Не беше случајност што десничарските националисти во мај 2007. година оваа улица со сопствени табли ја преименуваа во „Булевар Ратко Младиќ“. Со тоа тие изразија поддршка за Младиќ, кој, како обвинет за воени злосторства, пред Хашкиот трибунал мора да одговара за геноцидот во Сребреница. Тогаш Младиќ сѐ уште беше славен како воен херој. Еден од неговите најголеми фанови беше Александар Вучиќ, актуелниот вицепремиер и најмоќен политичар во Србија.

Во изминатите години, меѓутоа, општествениот и политички поглед врз светот драматично се промени. Денес Србија е кандидат за членство во ЕУ, а Вучиќ во меѓувреме речиси прерасна во евро-фанатик. Актуелната влада, згора на тоа, постигна историски договор со поранешната јужна покраина Косово, која пред пет години прогласи независност. „Тоа е еден вид поетска правда“, вели долгогодишната активистка за демократија Соња Лихт, кој денес работи за српското министерство за надворешни работи. „Политичарите кои во 90-те години беа соодговорни за војната и злото во регионот, сега мора да преземат одговорност и да ги решат проблемите“, вели Лихт во разговор за ДВ.

Serbische Soziologin und Aktivistin Sonja Licht

Соња Лихт, социолог и долгогодишната активистка за демократија во Србија

Идеите, кои по крвавата војна во која се распадна Југославија опстојуваа само во гетоизираното граѓанско општество, сега станаа политички мејнстрим. На пример, безусловното кривично гонење на воените злосторници или пак правото да се биде поинаков.

Уште многу работа

Иако екстремниот национализам веќе не е секојдневна појава, лузните од минатото сѐ уште се чувствуваат. Младиот Германец Јоханес Ригер, кој е активен во Белград во „Форумот за цивилна мировна служба“ и полека станува вистински белграѓанец, ги илустрира овие клишеа со еден пример: „Кога патувам во Приштина, многу млади Срби, кои во текот на деведесетите биле во градинка или во забавиште, ме прашуваат дали се плашам да одам во Косово, дали помислувам дека нешто може да ми се случи. Тогаш јас ги прашувам дали некогаш биле таму, а тие велат: ’Никогаш, не можам ни да си го замислам тоа‘.“

Овие останки на националистичка идеологија не го изненадуваат познатиот невладин активист Александар Попов, директор на српскиот Центар за регионализам. „Иако политиката се промени, тоа не допре длабоко во општеството. Жално е што и натаму имаме голем број млади кои се задоени со национализам и нетрпеливост. Исклучително е тешко да се искорени тој баласт. Токму затоа натамошното присуство на невладините организации е неопходно. Јас со задоволство би заминал во пензија, но има уште многу работа“, истакнува Попов.

Aleksandar Popov Politologe aus Serbien

Александар Попов, директор на српскиот Центар за регионализам

Соња Лихт и натаму смета дека шовинизмот е голем проблем не само во Србија. „Тоа е актуелна тема на Балканот, но и во цела Европа. Гледаме слични примери во Грција, Унгарија, па дури и во северна Европа, на пример во Финска, каде десничарски популисти успеаја да обезбедат место во парламентот“, вели таа. И селективната култура на паметење - само сопствените загинати и протерани да се сметаат за вистински жртви, според оваа активистка не е екслузивен српски проблем. „Денацификацијата на Германија исто така траеше многу долго“, вели Лихт.

„Странски платеници“

На активистите во невладините организации во Србија отсекогаш им било тешко и ни денес не уживаат широка поддршка. Долги години од националистичките политички елити беа изложени на генерален сомнеж, првенствено дека се „странски агенти“, оти невладините организации се главно финансирани од странство. „Никогаш не бевме љубимци на режимот. Тоа првенствено се однесува на времето на Слободан Милошевиќ, но важи и за демократската опозиција која владееше со земјата по соборувањето на Милошевиќ“, истакнува Попов. „Граѓанското општество секогаш беше еден вид лоша совест, како камче, кое ги боцка моќните во чевелот“.

Соња Лихт со децении трпи навреди од десничарскиот табор. Неодамна националистичкиот неделник „Печат“ ја означи како лобистка на НАТО. Од бомбардирањето на земјата во 1999. година, „НАТО“ во Србија е речиси погрден збор. „Некако сум горда на тоа дека десните екстремисти така ме напаѓаат“, вели Лихт и додава оти „минаа времињата кога такви етикети се добиваа и во мејнстрим медиумите“.

Најзначајните невладини организации во Србија и натаму се речиси исклучиво зависни од пари од меѓународните донатори. На интернет страницата на Центарот за регионализам може да се види дека средствата за неговата работа потекнуваат, меѓу другото, од американската фондација „Рокфелер“ како и од германските фондации „Фридрих Еберт“ и „Конрад Аденауер“. „ Веќе не е големо табу да се добиваат пари од Запад“, вели директорот на Центарот, Александар Попов. „И владејачките екс-националисти се обидуваат да пронајдат западни извори на пари за срската држава. Со тоа приказната дека невладините организации се платенички и издајнички организации е во во целост депласирана“, напоменува тој.