1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Експлозија во срцето на Дамаск

Бунтовниците во Сирија повторно извршија бомбашки напад во центарот на главниот град. Според извештаите, има неколкумина ранети.

Сириските бунтовници објавија дека извршиле бомбашки напад врз зградата на генералштабот на сириската армија во центарот на престолнината Дамаск, додека сириските власти тврдат дека експлозијата одекнала далеку од центарот на вооружените сили.

Како што пренесува арапската телевизија Ал Арабија, повикувајќи се на претставникот на опозициската Слободна сириска армија, Абу ал-Нур, зградата на сирискиот генералштаб во којашто денеска се собрале околу 150 високи по чин офицери, била целосно разурната.

Според ал-Нур за минирање на генералштабот биле поставени осум експлозивни направи. Агенцијата АФП, повикувајќи се на друг претставник на Слободната сириска армија, Махер ан-Науми, јавува за две експлозии во близина на генералштабот на регуларната сириска армија, меѓутоа тој не потврдил дека во експлозиите објектот бил разурнат. Сириските државни медиуми не ја потврдуваат информацијата за бомбашкиот напад врз генералштабот.

Не е јасно дали станува збор за истата експлозија којашто одекна денеска утрината во близина на елитниот хотел „Дама Роуз“ во кој отседнуваат припадниците на набљудувачката мисија на Обединетите нации во Сирија. Снимките на сириската државна телевизија покажаа дека експлодирало возило цистерна со нафта, а во експлозијата биле полесно повредени три лица.