1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Експлозивен проблем- разоружување на Либија

Либискиот диктатор Муамер ел Гадафи 42 години собираше оружје и создаваше тајни арсенали. Сега тоа оружје треба да се пронајде и да се стави под контрола. На Либијците во тоа им помагаат Германците: парично и технички.

Мажи облечени во униформи на парамилтарните групи со автоматски пушки и цивилни теренски автомобили на кои се монтирани разни видови митралези и натаму се присутни во Либија. И тоа две години по револуцијата. Тоа е јасен знак дека власта во оваа земја е во рацете на многумина и оти тие го контролираат оружјето.

Никој не го знае бројот на пушки, топови, ракети и мини во Либија. Она што се знае е дека по соборувањето од власт на Муамер ел Гадафи бројот на вооружувањето се зголеми и излезе од државна контрола. Големи количества различно оружје по криумчарските рути на алжирските исламисти завршува во рацете на бунтовниците во Мали или во Сирија. Арсеналот на Гадафи уште долго нема да биде потрошен.

Германското министерство за надворешни работи со разни проекти помага да се спречи оружјето да заврши во погрешни раце. Со разни видови помош, меѓу кои и парична, Германија на новата либиска влада и помага повторно да воспостави контрола над магацините со оружје и муниција.
„На земјата која е во постконфликтна ситуција се обидуваме да и помогнеме и да спречиме новите количества оружје да стигнат до соседните земји“, вели Ролф Никел, комесар на германската влада за разоружување кој престојуваше во Либија уште во пролетта во 2011. година.

Силна полиција- слаба либиска влада

Германското министерство за надворешни работи исто така издвојува парична помош за хуманитарните организации кои се специјализирале за уништување оружје и муниција. Една од од организациите која добива помош е фондацијата „Санкт Барбара“ од Минстер која е основана во 1995. година.

Екипи од оваа фондација во Либија ги уништуваат минските полиња, неексплодираните смртоносни средства, но и бомби кои ги користеле силите на НАТО против трупите верни на Гадафи. Претседателот на фондацијата Клаус Келер вели дека е загрижен поради големиот број магацини со оружје во Либија. „Мислам дека има околу 440 магацини“, вели Келер. Тој проценува дека во еден магацин се наоѓаат 3.000 ракети со дострел од 70 до 230 километри.

Тој предупредува дека таквото оружје се продава во странство, на пример во Сирија. „Во Либија никој нема да издвои пари за уништување на нешто за што во странство може многу да се заработи“, вели Келер.

Либискиот новинар Есам Зубер вели дека криумчарењето оружје е чувствително прашање за владата во неговата земја. Тој вели дека силната полиција и напуштеното оружје ги плашат инвеститорите, што го забавува развојот на Либија. Без оглед на се', владата се' уште нема програма со кој би го решила овој проблем. Зубер наведува оти владата никогаш не се обидела да го откупи оружјето.

Страв од ракети за противвоздушна одбрана

Некои видови оружје не се само закана за Либија. Особена загриженост претставуваат ракетите за противвоздушна одбрана кои се испукуваат од рамо. „Тие претставуваат опасност за цивилниот воздушен сообраќај и мораме да се погрижиме да бидат уништени“, вели комесар на германската влада за разоружување.

Либискиот новинар Зубер вели дека Либијците не знаат за овој вид германска помош. Тој сака во јавноста повеќе да се зборува за тоа, за да може на населението да му биде јасно оти германските експерти му помагаат на либискиот народ во разоружување и отстранување мини.

Претседателот на фондацијата „Санкт Барбара“ Клаус Келер сака и понатаму да помага и се' уште гледа голем потенцијал за германски ангажман во Либија. Тој сака да основа долгорочно финансирање на проектот. Конкретен пример: пред неколку месеци е откриен магацин со оружје во кој се наоѓале 5 милиони противпешадиски мини. Тоа значи 2.200 тони експлозив. „Тоа треба да се уништи на лице место. Меѓутоа, тоа би нанесло голема еколошка штета во земјата во која и онака има големи пустински пространства“, вели Коелер. Тој предлага рециклирање на таквото оружје. „Од оружјето би можел да се раздели експлозивот, да се преработи и од него да се направи експлозив кој би можел да се користи во нафтената индустрија или во изградбата на патишта“, вели Келер.