1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Експертски став: Казните во случајот „Пајажина“ се очекувани

Судскиот совет во Скопскиот кривичен суд денеска нa сопственикот на А1 телевизија Велија Рамковски во случајот „Пајажина“ му изрече единствена казна од 13 години затвор.

default

Судскиот совет во скопскиот кривичен суд денеска нa сопственикот на А1 телевизија Велија Рамковски во случајот „Пајажина“ му изрече единствена казна од 13 години затвор.

Пред огромен број роднини, пријатели и новинари во преполната сала на Кривичниот суд, Велија Рамковски одлуката на судот ја прими мирно, како впрочем и другите обвинети.

Во овој судски процес беа обвинети 23 управители и основачи на фирми на „Перо Наков“ а делата за кои се товареа беа за затајување данок, перење пари, злосторничко здружување и измама на доверители. Братот на Рамковски, Амди Рамковски е осуден на шест години затвор, ќерката на Велија, Емел Рамковска исто така на шест години затвор, додека една година повеќе заработи синот Хеди, кој за цело време на постапката е во бегство. Долгогодишниот директор на А1 телевизија Дарко Перушевски доби 5,5 години затвор.

Mazedonien Velija Ramkovski

Рамковски на суд, архива

Пет милиони неплатен данок

Според обвинението во „Пајажина“ имало затаен данок од околу пет милиони евра.

По изрекувањето на пресудата адвокатите на осудените побараа нивните клиенти да се пуштат на слобода и жалбената постапка да ја водат од слобода. Обвинителката, меѓутоа, побара дел од осудените да останат во притвор до правосилноста на пресудата, а за дел од обвинетите кои и досега беа во домашен притвор, оваа мерка и натаму да важи. Кривичниот совет во моментов одлучува за барањето на адвокатите и обвинителката.

Велија Рамковски е во притвор 14 месеци или од 25-ти декември 2010-та година, точно два месеца откако полицијата влезе во фирмите на „Перо Наков“.

Осуммина од обвинетите се во притворот во затворот „Шутка“, а шестмина се во домашен притвор. Дел од обвинетите меѓу кои синот на Велија Рамковски, Хеди, не се достапни за институциите

Последен удар од операцијата „убивање на вистината“

Непосредно по излегувањето од судницата, пратеникот на Санџачката лига Сафет Бишевац, долгогодишен новинар и уредник во згаснатата телевизија, за Дојче веле изјави дека се потврдиле шпекулациите дека обвинетите ќе добијат максимално високи казни.

„Тоа не треба да чуди, затоа што ’Пајажина’ од самиот почеток беше политички процес“, изјави тој.

„Ова е последниот удар на операцијата ’убивање на вистината во оваа држава’. Нејзината цел беше и денеска се докажа, е замолчување на А1 телевизија, замолчување на Велија Рамковски како носител на битката против диктатурата на Груевски во Република Македонија“ изјави Бишевац.

Очекувани казни за толку тешки дела

Професорот по кривично право Никола Тупанчевски од Правниот факултет во Скопје смета дека со оглед на тежината и бројноста на кривичните дела за кои во голем дел е определена и максимална казна затвор, пресудата и висината на казните донекаде се и очекувани.

Velija Ramkovski

Од апсењето на Рамковски пред една година

„Не навлегувајќи во материјална расправа за делата, за што и не ги знам деталите, од формално-правен аспект можам да кажам дека со толку тешки кривични дела за кои имаше обвиненија, што целиот процес го направија исклучително тежок, казните се донекаде и очекувани“, ни изјави Тупанчевски.

И претседателката на „Транспарентност“, Слаѓана Тасева, смета дека во однос на висината на казните одлуката на судот е во рамки на очекувањата, ако се има предвид како се водеше постапката и како се презентираше обвинението.

„Казните се очекувани. Но, за севкупното водење на постапката ние често пати укажувавме дека не докрај доследно се применува правото, па затоа и поведовме иницијатива пред Уставниот суд за оценка на уставноста и законитоста на член 203, што се однесува на заплената и смрзнувањето на имот“.

Тасева смета дека допрва претстои вистинска правна битка.

„Прво што очекувама е бранителите да изложат мноштво причини за обжалување на формалната и материјалната примена на правото во оваа првична фаза од постапката и второ, очекуваме судиите во второстепената постапка да имаат навистина тешка работа на оценка на пресудите. Притоа апелираме до нив да го чуваат дигнитетот на судската функција, нивниот личен интегритет и на крајот и независноста на судовите“.

Тасева е убедена дека „Пајажина“ своја завршница ќе има и пред меѓународните судови.

Автор: Сашко Димевски

Редактор: Ж. Ацеска

DW.COM