1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Експертите бараат да се почитуваат законите

Експертската јавност во Македонија, по донесеувањето на буџетот за 2013 година, апелира на почитување на Уставот и собранискиот Деловник. ЕУ и САД изразија загриженост и разочарување по настаните во Собранието.

Целата процедура на донесување на буџетот од политички аспект е загрижувачка, а од уставно правен аспект зборува за кревка демократија, недораснати институции и носители на власт, кои не го почитуваат уставот и собранискиот деловник, коментира за Дојче веле универзитетскиот професор и поранешен уставен судија Бајрам Положани. Со ваквиот развој според него се става под прашање и функционирањето на сите државни институции.

„Доколку не се почитуваат одредбите од деловникот, тогаш не се почитуваат и одредбите од Уставот во кој се определува дека Собранието своите законодавни дејности ги врши според Деловникот согласно со Уставот. Инаку донесувањето на буџетот предизвикува голем интерес во сите парламентарни демократии, а камоли во кревки демократии како што е нашата, меѓутоа последиците врз таквите проблеми одат до таа мерка што паѓаат Влади, како што беше неколкупати случај во Италија и во други парламентарни демократии. Овде во Република Македонија се нема почит кон институции, владеењето на правото, правната држава. Сето тоа се мониторира и како последица ги имаме таквите извештаи за евроинтеграциските процеси“, коментира Положани.

Иницијативата на опозицијата за универзитетскиот професор Тања Каракамишева е легитимна, но само до моментот кога таа преминала во обид за насилство. Опозицијата според неа има право да поднесе амандмани, но власта е таа која е одговорна за функционирањето на системот.

„Во 21 век демократијата не може да биде спроведувана по пат на инает и некоја зихерашка политика, туку само со консензус и со легитимни средства кои што и стојат на располагање согласно деловникот, законите и Уставот. Затоа што од една страна ако имаме креирање на политика со инает и инсистирање на нејзино спроведување со инает, нормално дека од другата страна ќе се појави уште поголем инает, затоа што во крајна линија владејачкото мнозинство е тоа кое што е најмногу одговорно за сите случувања кои што можат да се направат во идниот временски период. Дали тоа ќе биде избивање на парламентарна криза, создавање на некои немири на улица и така натаму. За се` тоа ќе биде виновна власта и никој друг. Оттука и власта има обврска да го спроведува Уставот, законите и сите други акти во насока на смирување на тензиите и во насока на создавање на една позитивна слика која би ја носела Македонија кон евроатлантските процеси“, смета Каракамишева.

Загриженост и разочарување од случувањата изразија и амбасадите на САД и ЕУ во Скопје. Меѓународните претставници ги повикаа сите страни да запрат со какви било провокации и агресивни акти и да се однесуваат на начин што е во согласност со законот, Уставот и договорените собраниски процедури.

Опозициската СДСМ го напушти парламентот, а лидерот Бранко Црвенковски најави радикализација на дејствувањето и граѓанска непослушност Премиерот Никола Груевски во обраќањето пред нацијата изјави дека на Црвенковски му се случил народ кој заедно со државните органи и безбедносните сили спречил насилно рушење на демократските институции и легитимно избраната власт на слободни и фер избори. Владата според Груевски е подготвена да ги спречи сите можни сценарија за заштита на интересите на граѓаните.