1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Екскурзија на Блиски Исток за рушење на предрасудите

Млади луѓе од Европа, во март наредната година по третпат ќе патуваат на Блискиот Исток за да ги прошират своите знаења и да ги надминат предрасудите кои се поврзуваат со овој дел од светот.

default

Пејзаж од Јордан

Со тивка ориентална музика и јордански чај на масата, младиот Ијад започнува да зборува за проектот којшто го организира. „Екскурзија на Блискиот Исток“ е она што му ги окупира мислите на Ијад од Јордан, студент на политички науки на универзитетот во Бон, сакајќи да им покаже на своите пријатели од Европа дека Блискиот Исток има што да понуди за туристите од светот. „Ние го организираме ова патување свесни дека така приближувањето меѓу исламот и западниот свет ќе се зголеми. Преку патувањето се обидуваме да ги надминеме предрасудите и стереотипите при што воспоставуваме контакт меѓу различни култури", вели Ијад.

Blick auf die libanesische Hauptstadt Beirut

Бејрут - арапскиот Париз

И Мохамед, по потекло од Курдистан, е дел од тимот кој работи на проектот „Екскурзија на Блискиот Исток“. Според него едномесечното патување, што треба да започне на почетокот на март наредната година, има две цели: „Ова е научно и културно патување. Научно, бидејќи учесниците ќе имаат предавања на универзитетот во Јордан, а културно поради контактот со тамошните жители.“

Универзитетски предавања за ислам и тероризам

Учесниците на патувањето на Блискиот Исток ќе можат да ги посетат Јордан, Сирија, Либан, Турција и областа Курдистан. Прошетка низ Дамаск во Сирија, каде што се спојува традицијата и модерното доба, разгледување на Бејрут - арапскиот Париз, средби со разни организации во Курдистан и разгледување на Истанбул е дел од агендата на екскурзијата. Сепак главниот акцент е ставен на предавањата на универзитетот во Јордан.

Ијад објаснува: „На универзитетот во Јордан една недела ќе имаме предавања за различни теми. Во основа овие теми ќе се однесуваат на арапската култура, исламот, актуелните проблеми на арапското општество, како и приближувањето и врските на арапските држави со Европа.“

Euphrat in Syrien

Реката Еуфрат во Сирија

Една од темите на предавањата во кои земаат учество и професори од универзитетот во Јордан е и тероризмот. Лидерот на проектот, Ијад, вели дека главната причина зошто тероризмот е земен како тема се недоразбирањата и предрасудите кои најчесто тероризмот го поврзуваат со исламот. „На Запад луѓето не знаат што точно е терорист и од каде тој може да потекнува. Тие знаат дека терористот во секој случај изгледа како луѓето што живеат на југ, дека терористот би можел да доаѓа од Авганистан, Јордан или Ирак, но не знаат точно како човек станува терорист и дали тој може да биде студент. Ја одбравме оваа тема за да покажеме дека терорист може да биде и човек кој би можел да потекнува од Кина, Јапонија, САД или други земји. Луѓето од земјите од Блискиот Исток се едноставно луѓе кои сакаат да живеат во мир“, вели Ијад.

И медиумите носат вина за предрасудите

Мохамед, студент на мастер студии по медиуми, вината за ваквите сфаќања ја гледа и во медиумите. „Тука зборуваме за манипулација на луѓето. Но не можеме да генерализираме дека таквата слика ја прават сите медиуми, тука во Германија или во другите земји. Зборовите како ’тероризам’ и ’ислам’ често се мешани еден со друг и кога во некои медиуми ќе се спомне зборот ислам, веднаш по него доаѓа зборот тероризам."

Teilnehmer Middle East Excursion

Мохамед и Ијад - дел од тимот на „Екскурзија на Блискиот Исток“

Предрасуди имаат и жителите на земјите од Блискиот Исток во поглед на тоа каков е западниот свет. Ијад објаснува дека медиумите во овие земји ги претставуваат западњаците како грабливци, кои се дојдени да ги украдат и понесат со себе ресурсите на Блискиот Исток. Сепак, двајцата студенти велат дека имаат позитивно искуство живеејќи во Германија. И двајцата научиле многу нови нешта за себе и регионот од каде што доаѓаат, организирајќи ја оваа екскурзија.

Младите ентузијасти се свесни дека иако интересот е голем, не секој студент може да си дозволи патување од ваков тип. Организаторите помагаат при резервирањето евтини авионски билети, хотели и превоз меѓу дестинациите, но велат дека потребна е помош и од одредени владини или невладини институции. Тие се отворени за соработка, бидејќи строго веруваат во својата цел: да се надминат стереотипите преку дијалог на културите.

Автор: Ана Алибегова

Редактор: Александра Трајковска