1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

ЕКРИ: Силна етничка поделба во Македонија

Македонија во изминатите пет години, меѓу два мониторинг-круга од Европската комисија за борба против расизмот и нетрпеливоста - ЕКРИ, има значаен напредок. Но, постојат и елементи на загриженост поради етнички поделби.

default

Независниот орган на Советот на Европа - ЕКРИ, чиј извештај е објавен денеска во Стразбур, смета дека постигнатиот напредок само делумно може да и‘ се припише на кандидатурата на Македонија за членство во ЕУ.

„На законско ниво ние забележавме значаен напредок во областите кои не‘ интересираат, како на пример нацрт-законот против дискриминацијата, кој релативно е целосен, со исклучок на некои делови. Ние жалиме што не постојат независни национални органи за борба против дискриминацијата, како и непостоењето на статистика, која би дозволила да се процени вистинската положба на малцинските групи во различните области од животот и да се определи степенот на манифестација на расизмот и на директна или индиректна дискриминација,“ нагласува членот на ЕКРИ, Франсоа Сан Анжело.

Македонија е обележена од силната етничка поделба

И покрај постигнатиот напредок, во Македонија остануваат присутни некои загрижувачки тенденции. Општо гледано, според ЕКРИ, Македонија е обележена од силната етничка поделба. Дискусиите на меѓуетничка нетрпеливост се нагласени, исто како и стереотипи во медиумите поделени според јазичната и етничка линија. Oдносно, постои „етнизација“ на информациите во медиумите.

„Констатираме поделба меѓу македонското мнозинство и албанското малцинство, целото општество е организирано според таа поделба. На пример, постојат македонски и албански медиуми, вистински дуалитет во општеството меѓу двете заедници кои многу не комуницираат меѓу себе. Исклучоци постојат, но тоа не е доволно,“ нагласува Сан Анжело.

Kind im Roma-Slum Shutka

Положбата на Ромите треба уште да се подобрува

Помалите етнички заедници се заборавени

„Покрај поделбата меѓу Македонците и Албанците со сите стереотипи, другите помали малцинства се навистина заборавени во однос на промоцијата на нивните права, јазик и училиштата. Положбата на Ромите во Македонија и покрај напорите кои се направени во рамките на ’Деценијата на Ромите’ е далеку од задоволувачка во образованието, вработеноста, станбените услови, здравствената заштита“, додава Сан Анжело.

Препораки од ЕКРИ до македонските власти

ЕКРИ до македонските власти испраќа серија на препораки и мерки кои треба да ги преземат, што ќе дозволи подобрување на ситуацијата во областите каде се забележани слабости.

Skopje Zentrum

Од нив се бара да се зафатат со голема енергија сo прашањата кои се однесуваат на етничката сегрегација во образованието и школскиот систем. Во таа насока се препорачува зајакнување на повеќејазичното образование на сите нивоа на образовниот систем и утврдување на волонтерска политика за развој на заеднички школски и парашколски активности кои ќе ги доведат децата од сите јазични и етнички средини да се среќаваат, да се мешаат и заедничкии да делуваат.

„Мислам дека Република Македонија има што да научи од Белгија. Ако набрзо не се реши проблемот со двојазичноста и подоброто меѓусебно запознавање, во еден момент таа ќе се најде во ситуација кога еден дел ќе зборува за сецесија, автономија или нешто повеќе. Белгија за жал се движи во таа насока и Македонија го следи тој пат. Затоа Македонија има што да научи од примерот на Белгија, за тоа што не треба да прави,“ вели Франсоа Сан Анжело, инаку член на ЕКРИ во името на Белгија.

ЕКРИ во извештајот долг 59 страници им препорачува на македонските власти систематски и јавно да ги осудуваат со најголема острина сите дискусии на нетрпеливост на лидерите и медиумските личности и да отвори истраги кога тие можат да предизвикаат омраза и да се најдат под удар на кривичното право. Накратко, ЕКРИ бара од македонските власти да работат на подобрување на меѓуетничките односи во земјата.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Жана Ацеска