1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Економски санкции за Северна Кореа

Советот за безбедност едногласно ја усвои резолуцијата 1718

default

" Резултатот од гласањето е следниот, предлог резолуцијата доби 15 гласови за. Предлог резолуцијата едногласно е усвоена како резолуција 1718“

Вака престедавачот со советот за безбедност, јапонскиот амбасадор Кензо Ошима го соопшти резултатот од гласањето за предлог резолуцијата за воведување економски санкции за Северна Кореа. Санкциите, како мерка против нуклеарната проба, предвидуваат и ембарго за трговија со тешко конвенционално оружје и луксузни стоки како и забрана за патување на официјални лица кои работат на северно корејската нуклеарна програма. Од денеска се замрзнати и сите сметки во странство на властите во Пјонгјанг. По иницијатива на Русија резолуцијата не содржи закана од воена акција.

Севернокорејскиот амбасадор во ОН, Пак Гил Јон, ја отфрли резолуцијата и го обвини советот за безбедност за употреба на двојни стандарди. Кина, која важи за умерен поддржувач на Северна Кореа ја поддржа резолуцијата но смета дека треба да се стори се` проблемот да се реши по дипломатски пат. Кинескиот амбасадор во ОН Ванг Гуангја изјави:

“ Мислам дека сега е најважно што резолуцијата е донесена. Мислам дека сите страни треба да покажат воздражност, да нема повеќе провокации. Сметам дека е многу важно за меѓународната заедница да се засилат дипломатските напори за да се најде решение за нуклеарното прашање за Корејскиот полуостров“

Американскиот амбасадор во ОН Џон Болтон секако задоволен:

“ Ја поздравуваме едногласно усвоената резолуција 1718. Изведениот нуклеарен тест од страна на Северна Кореа претставува најголема закана за меѓународниот мир и безбедност, против која советот за безбедност секогаш треба јасно да се спротивстави. Денес испраќаме силна и јасна порака до Северна Кореа и останатите кои сакаат да развиваат нуклеарно оружје, дека ќе има сериозни последици доколку продолжи развојот на оружје за масовно уништување“

Со сличен став е и американскиот претседател Џорџ Буш кој смета дека резолуцијата е јасна порака за режимот на северно корејскиот претседател Ким Јонг Ил. Буш воочи синоќешното гласање во советот за безбедност нагласи:

“ Додека бараме дипломатско решение, ние исто така ги уверуваме нашите сојузници во регионот, дека Америка останува посветена на нивната безбедност. Ние имаме силни одбранбени сојузници во Јапонија и Јужна КОреа. Како одговор на провокациите на Северна Кореа ќе работиме на засилување на соработката со нашите сојузници, вклучувајќи ја и соработката во делот на балистичка ракетна одбрана од агресија, како и соработка за спречување на извоз на нуклеарно оружје од Северна Кореа“

Во меѓувреме Јапонија соопшти дека ќе обебзеди логистичка поддршка за американската армија околу евентуалните инспекции на северно корејски бродови, согласно резолуцијата на ОН. Министерот за надворешни работи Таро Асо изјави дека резолуцијата ги повикува земјите да спроведат контрола, така што според него е нормално да се понуди соработка. Јапонија, по поразот во втората светска војна официјално е пацифист. Според законот од 1999 година земјата може да ги снабдува со гориво и друг вид поддршка американските бродови во околните региони