1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Економски развој со две брзини

Светската економија оваа и следната година ќе расте со 4,5 проценти, гласи новата прогноза која ММФ ја претстави вчера во Вашингтон. Но, економистите истовремено предупредуваат од одредени ризици за светското стопанство.

Главниот економ на ММФ, Оливие Бланшар

Главниот економ на ММФ, Оливие Бланшар

Опоравувањето на светската економија продолжува, но со многу различни брзини, изјави главниот економист на ММФ, Оливие Бланшар. Зад просечната стапка на развој од 4,5 проценти, која ММФ ја предвидува за оваа и идната година, се кријат значителни разлики. Индустриските држави веројатно ќе имаат стапка на раст во просек од 2,5 насто, додека кај земјите во засилен развој стапката ќе биде 6,5 проценти. Ова крие во себе ризици:

„Во поголемиот дел индустриски земји стапката на економскиот развој е далеку под потенцијалот на продуктивноста, невработеноста е висока, а тоа веројатно ќе потрае уште неколку години“.

Советите остануваат исти

Банкарскиот систем треба да стане отпорен на кризи

Банкарскиот систем треба да стане отпорен на кризи

Кризата во многу држави доведе до драматично руинирање на државните финансии. Сега земјите се принудени на консолидација на буџетите. Банките пак се борат за зголемување на квотите на сопствениот капитал, зашто мора засилено да сметаат со пропаѓање на побарувањата.

„Советите кои им ги даваме на индустриските држави се затоа старите: заздравување на банкарскиот систем заради отпорност на кризи и консолидирање на буџетот. Тоа не смее да се случи пребрзо, зашто делува сопирачки на економскиот развој, но ниту пребавно, зашто ја поткопува веродостојноста. Мора да биде подобрена регулативата и надзорот над банките, пред се‘ во Европа, а мора да продолжат и рефомрите кои ќе го јакнат потенцијалот на економскиот раст“, вели Бланшар.

Нема опасност од инфлација

Dossierbild 3 Eurokrise

ММФ смета дека засега нема опасност од инфлација. Скапите суровини се оптоварување, но нема многу да го спречат глобалното опоравување. За разлика од ситуацијата во земјите во засилен развој, каде се заканува делумно прегревање, во многу индустриски држави стапката на инфлација, поврзана со енергијата и животните продукти, споредбено, останува под контрола.

„Предизвикот за земјите во засилен развој е сосем поинаков отколку за индустриските држави. Тие мора да избегнат ’прегревање’ на нивните економии и да издржат високи приливи капитал“.

Затоа ММФ на засегнатите земји во засилен развој им советува да размислат околу времени контроли на капиталот и да не се борат со сета сила против растот на вредноста на нивната валута во однос на останатите. Најсилната развојна локомотива според Бланшар останува Кина со непроменета стапка на раст од 9,6 проценти во оваа и 9,5 идната година. Економските последици на катастрофата во Јапонија ММФ со целата несигурност се‘ уште ги смета за одржливи во граници. Нов развоен ризик претставуваат растечките цени на суровините, вклучително и аспектот на политичките турбуленции во северна Африка и на Блискиот Исток.

Автор: Ролф Венкел/ Жана Ацеска

Редактор: