1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Економски пулсирања

Приватната потрошувачка во Германија наредната година ќе сочинува половина процент во очекуваната стапка на пораст од 3 до 3,5 проценти. Сони веќе не произведува вокмени. Светски рекорд на автомобил на електричен погон.

default

Расположението на потрошувачите во Германија ќе се подобрува и во наредната година и потрошувачката ќе стане важен столб на стопанскиот раст, предвидуваат истражувачите на пазарот. „Тенденција е дека приватната потрошувачка во 2011 ќе даде уште поголем придонес за севкупниот стопански развој отколку во 2010 година“, вели Ролф Биркл од Друштвото за истражување на потрошувачката во разговор за агенцијата ДПА. Според него, во тековнава година приватната потрошувачка ќе сочинува половина процент во очекуваната стапка на пораст од 3 до 3,5 проценти.

*******************************

Изутрината во делови на Германија имаше временски ограничени предупредувачки штрајкови на железничарите. Синдикатите на вработените во железницата на овој начин сакаат да извршат притисок за да се помрднат од мртва точка блокираните тарифни преговори.

*******************************

Автомобил на електричен погон ја мина патеката од Минхен до Берлин, во должина од 605 километри, без полнење на батериите во меѓувреме, што претставува светски рекорд. Возилото пристигна изутрината (вторник, 26.10.2010) во Берлин. Според Националниот развоен план за електромобилност, германската влада планира дури во 2015 година автомобили за секојдневна употреба да можат да минуваат повеќе 300 километри без дополнително полнење на акумулаторите.

*******************************

Американската влада го одобри градењето огромна централа на погон на сончева енергија во пустината Мохаве, во Калифорнија. Проектот е изработен од германската фирма „Солар милениум“, со учество и на американскиот нафтен концерн „Шеврон“. Со капацитетот од 1000 мегавати, доволно да обезбеди снабдување со електрична енергија на 300 до 750 илјади домаќинства, најголемата постројка на сончев погон во светот ќе го достигне нивото на централите на атомски погон.

*******************************

Во третиот квартал од годинава најголемиот светски производител на челик „АрселорМитал“ заработи 1,35 милијарди долари, што е за 20 проценти помалку отколку во трите месеци пред тоа. Од концернот тоа го образложуваат со сезонски влијанија и со зголемени трошоци. Искористеноста на капацитетите падна од 78 на 71 процент. Поради паѓањето на цените, „АрселорМитал“ очекува негативниот тренд да продолжи и во последото тримесечје од годинава.

*******************************

Јапонскиот концерн „Сони“ дефинитивно го запре производството на касетофони-вокмени, започнато пред цели 30 години. Во меѓувреме, ширум светот беа продадени 200 милиони вокмени од „Сони“. На стартот овие апарати чiнеа по 300 тогашни марки. Вокмените веќе од поодамна се потиснати од пазарот од дигиталните МП3 плеери (ем-пе три) и ај-поди. Инаку, вокменот е изум на Германецот Андреас Павел, кој го патентира во 1977, а за неговата идеја се заинтересира „Сони“. Павел водеше 20 години правен спор, пред да добие обесштетување од јапонскиот производител.

Автор: Жанг Данхонг / Инза Вреде / Зоран Јордановски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска