1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Економски пулсирања

Избор од стопански вести: Претседателот на Бундесбанката се искажа за привремена помош на Грција, но само како „апсолутен исклучок“; покачена добивка на почетокот на годинава бележи хемискиот концерн БАСФ.

default

Аксел Вебер

Претседателот на германската емисиона Бундесбанка Аксел Вебер бара построга финансиско-политичка регулатива во ЕУ како консеквенција од должничката криза на Грција. Во интервју за „Билд цајтунг“ тој се искажа за привремена помош на Грција, но само како „апсолутен исклучок“. „За во иднина работите воопшто да не можат да дојдат до таму, како централна поука мораме значително да ги заостриме правилата на играта во финансиската политика во ЕУ“, вели Вебер, кој е и член на Советот на Европската централна банка. Во моментов помош за Грција е најдоброто средство за да се спречи кризата да ги зафати и другите земји, смета Вебер.

По Грција и Португалија, вчера рејтинг-агенцијата „Стандард и пур“ ја деградира и кредитната способност на Шпанија.

Германскиот концерн „Сименс“, по добриот старт, си постави повисоки деловни цели за тековнава година. Во трите сектори индустрија, енергетика и медицинска техника претпријатието сака да постигне оперативен резултат над минатогодишниот од 7,5 милијарди. Претходно поставената цел изнесуваше 6 до 6,5 милјарид евра.

Покачена добивка на почетокот на годинава бележи и хемискиот концерн „БАСФ“. Добивката пред оданочување во првиот квартал е зголемена за 98 проценти и достигна 1,95 милијарди евра, соопшти концернот денеска (29. април 2010) во Манхајм. Постигнатиот резултат ги надмина и очекувањата на аналитичарите. Нето-добивката ќе изнесува 1,03 милијарди, наспроти 375 милиони во последниот квартал од минатата година.

Германскиот енергетски концерн „Еон“ му ги продаде своите бизниси со електрична енергија и гас во САД за 5,6 милијарди евра на американското претпријатие „ППЛ“. „Еон“ го задржа за себе само одделот за обновливи енергии. Со продажбата концернот сака да го намали своето нето-задолжување. Бизнисот со струја и гас во Соединетите држави бил од големо значење, но немал голем маневарски простор за натамошен развој, го објасни потегот шефот на Управниот одбор на „Еон“ Вулф Бернотат. За реализација на зделката е неопходна и согласност од американските власти.

Автор: Ролф Венкел/ Џанг Донг/ Зоран Јордановски

Редактор: Александра Трајковска