1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Економски пулсирања

Вести од стопанството - Германскиот канцелар Ангела Меркел се искажа позитивно во однос на концептот на американскиот концерн „Џенерал моторс“; Берзите на Далечниот исток денеска бележат загуби.

default

Германскиот канцелар Ангела Меркел се искажа позитивно во однос на концептот на американскиот концерн „Џенерал моторс“ за санирање на германскиот производител на автомобили „Опел“, кој е во негова сопственост. „Слушам од ’Џенерал моторс‘ дека бараат реструктуирање на германските производни центри на ’Опел‘, но им даваат добра перспектива на сите нив. Квалитативно тоа е многу слично на поранешните концепти“, рече Меркел по синоќешната работна средба со шпанскиот премиер Хозе Луис Сапатеро во Мезеберг кај Берлин, алудирајќи на концептот на „Магна“, која беше главен кандидат да го купи „Опел“.

Вработените во „Опел“ ќе бидат соочени со укинување на голем број работни места - околу 9 илјади од вкупно 55 илјади, колку што работат во фабриките на „Опел“ во шест европски земји. Германија ќе биде најтешко погодена, оти според санациониот план на „Џенерал моторс“ овде ќе бидат укинати до 5400 работни места.

Големата невработеност и напнатата состојба во областа на кредитирањето придонесуваат за пораст на банкроти. Во третиот квартал имаше една третина повеќе банкроти на приватни лица и на претпријатија, отколку пред една година во истиот период. Според владината статистика, во третиот квартал од годинава биле регистрирани околу 390 илјади пријави на банкрот, што е највисоко ниво за последните четири години. Од тоа само околу 15 илјади се претпријатија, другото се банкроти на приватни лица. Во првите девет месеци од годинава во САД банкротирале 45 500 фирми, повеќе отколку во целата претходна година. Меѓу нив е и автомобилскиот концерн „Џенерал моторс“.

Talfahrt der Börsen Japan

Курсот на еврото денеска изутрината изнесува преку 1,51 долар. Со тоа скоро ја достигна вчерашната вредност. Со оглед на фактот дека во САД денеска е празник, Денот на благодарноста, не се очекуваат поголеми импулси на девизните пазари.

Берзите на Далечниот исток денеска бележат загуби. Јапонскиот јен достигна највисока вредност во однос на доларот за последните 14 години, што ги оптоварува акциите на извозните претпријатија. Пад на курсот бележат и берзите во Кина, Австралија, Кужна Кореја, Тајван, Сингапур и Хонгконг.

Германската Комерцбанка во градот Тјанѓин ја отвори својата веќе трета филијала во Кина. Градот се наоѓа на 120 километри источно од Пекинг и има 10 милиони жители. Кинеската влада таму воспостави специјална економска зона и планира сличен динамичен развој како претходно во Шангај и Шенжен. Комерцбанк ќе ги опслужува германските претпријатија ангажирани во таа кинеска провинција, како и кинески претпријатија, кои развиваат дејност во Германија. Во зоната во Тјанѓин постави прв погон за монтажа надвор од Европа воздухопловниот концерн Ербас.

Околу 12 проценти од сите претпријатија во Германија минатата година продаваа стоки или услуги преку интернет или други електронски мрежи. Според Сојузниот завод за статистика, нема поголеми промени во последните четири години. Но, затоа пак, се зголеми обемот на прометот: претпријатијата кои во 2005 на овој начин остварија 30 проценти од својот вкупен промет, лани постигнаа 39 проценти.

Автор: Жанг Донг / Јута Васераб / Зоран Јордановски

Редактор: Александра Трајковска