1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Економски пулсирања

Избор од стопански вести.

default

Централата на „Џенерал моторс“ во Детроид

По ненадејниот пресврт во врска со судбината на „Опел“, еврокомесарот за индустрија Гинтер Ферхојген ги предупреди европските земји, во кои има фабрики на германскиот производител на автомобили, да не поведат огорчена конкурентска борба. „Ако секој за себе преговара со Детроит, тогаш Американците ќе можат да ги одберат за нив најдобрите понуди“, вели Ферхојген за весникот „Хамбургер абендблат“ и напоменува дека е прашање дали тие би биле и економски најиздржаните. Ферхојген побара од американскиот концерн „Џенерал моторс“, сопственик на „Опел“, да биде на ниво на одговорноста и да им го даде на своите фирми во Европа неопходниот финансиски и технички слободен простор.

Експерти од областа на автомобилизмот го поздравуваат решението на „Џенерал моторс“ во врска со „Опел“. Вили Диц, професор на Институтот за автомобилско стопанство вели: „Џенерал моторс‘ во иднина ќе биде многу позависен од опеловото ноу-хау, оти во САД помина времето на автомобили-диносауруси“. Според него, останувањето на „Опел“ во тој концерн има повеќе смисла отколку претходно планираната продажба на „Магна“, австриско-канадскиот лиферант за автомобилската индустрија. „’Опел’ е мал за самостојно да опстане на светскиот пазар, но може да биде бисер во концернот ’Џенерал моторс‘“, смета професорот Вили Диц.

Први знаци на опоравување

Германскиот Телеком ги зголеми приходот и профитот во третиот квартал од годинава, благодарение на учеството кај ОТЕ, конкурентска фирма од Грција. Приходите во споредба со истиот период лани пораснаа за 5,2 процента и достигнаа 16,3 милијарди евра, додека бруто-добивката изнесува 5,5 милијарди.

Германската пошта ги регистрира првите знаци на опоравување на пазарот од нејзината област и благо ги коригира прогнозите за оваа година, иако во третиот квартал забележа загуба поради пропаѓањето на големиот клиент „Квеле“. Загубата на Дојче пост изнесува 83 милиони евра.

Франкфуртскиот аеродром годинава ќе ја заврши со пет до шест проценти помалку патници, отколку лани. Но, претпријатието „Фрапорт“, кое управува со него, како и со аеродроми во странство, ја подобри прогнозата за оваа година и очекува бруто-добивка од 530 до 540 милиони евра.

Јапонскиот концерн „Панасоник“ има намера да го преземе помалиот конкурент „Сањо“, со што прави чекор понатаму во настојувањата да стане еден од водечките во светот. „Панасоник“ понуди цена од три милијарди евра, со кои ќе откупи повеќе од половина од акциите на „Сањо“, чии главни акционери веќе дадоа согласност за зделката.

Автор: Ролф Венкел / Андреас Бекер / Зоран Јордановски

Редактор: Александра Трајковска