1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Економски пулсирања

Американската влада ќе го остави „Џенерал Моторс“ сам да најде решение за продажбата на „Опел“. „Комерцбанк“ и годинава најверојатно ќе работи со загуба, а кризата се одразува и врз работата на концернот „Фрапорт“.

default

Американската влада има намера да му го препушти на концернот „Џенерал моторс“ решението во врска со продажбата на германскиот производител на автомобили „Опел“, кој е во негова сопственост. „Џенерал моторс“ мора да најде решение за проблемот, „ние ќе му помогнеме, но нема да му кажеме што треба да прави со ’Опел‘, ниту да диктираме услови за неговата продажба“, рече Рон Блум, раководител на комисијата за надзор над реструктурањето на американската автомобилска индустрија, востановена од претседателот Барак Обама.

Германската банка „Комерцбанк“ и годинава очекува да работи со загуба. Минатата година загубата на банката изнесуваше преку шест милијарди евра. На почетокот од годинава „Комерцбанк“, која е делумно во државна сопственост, ја презеде „Дрезднер банк“, и во фазата на нејзино интегрирање веќе се укинати 1.800 работни места.

CDE-18

Аеродромот во Франкфурт

Економската криза се одрази и врз работењето на „Фрапорт“ - концерн кој управува со аеродромот во Франкфурт и е концесионер и на аеродроми во странство. Профитот на концернот во првата половина од годинава опадна за 31 процент и се сведе на 70 милиони евра. „Ние сепак ни во кризава не забележавме загуби, така што имаме добра појдовна позиција и основа за оптимизам за времето по кризата“, рече Вилхелм Бендер, претседател на Управниот одбор на „Фрапорт“. Во првите шест месеци од годинава франкфуртскиот аеродром го користеа 24 милиони патници, осум проценти помалку, отколку пред една година.

Германскиот Телеком во вториот квартал од годинава профитира од своите фирми за мобилна телефонија во странство. Добивката изнесува 5,3 милијарди евра, односно пораст од 8,4 проценти. Но, шефот на концернот Рене Оберман опстојува врз намалената проценка за очекуваниот деловен резултат за целата година.

Автор: Хенрик Беме/Моника Ломилер/Зоран Јордановски

Редактор: Александра Трајковска