1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Економски пулсирања

Актуелните вести од стопанскиот живот ги отсликуваат размерите на глобалната економска криза. Ако годинава воопшто дојде до пресврт кон подобро, тогаш тоа може да се очекува дури кон нејзиниот крај.

default

Во изминатите месеци значително опаднаа стопанските активности во земјите од зоната на еврото, оцени Жан Клод Трише, претседател на Европската централна банка. Таа банка и националните централни банки прогнозираат во просек нулти пораст или дури и минус еден процент за годинава. Со оглед на актуелните околности, поважно од кога било е да се држи под контрола очекуваната инфлација, за да се гарантира стабилноста на цените, вели Трише.

Германскиот институт за економски истражувања предвидува германското стопанство годинава да забележи пад од еден процент. Според институтот, кон крајот на годинава треба да се подобри конјунктурата, а во 2010 година ќе биде забележан стопански пораст од „нешто повеќе од еден процент“. За разлика од поранешните рецесии, истражувачите од овој институт очекуваат релативно стабилен развој на состојбата на пазарот на работна сила. Позитивни импулси за стопанството ќе дадат приватната потрошувачка и помалото поскапување.

Поради светската економска криза, германскиот извоз кон крајот на минатата година доживеа најголем пад за последните дваесетина години. Во ноември падот изнесуваше 10,6 проценти во однос на септември, соопшти Сојузниот завод за статистика. Но, севкупно погледнато за периодот јануари-ноември извозот на стоки забележа пораст од четири проценти и достигна вредност од 928 милијарди евра. За 2009 година се смета на лесен пад.

Германската влада дискутира за пакет за спасување на претпријатија што западнале во финансиски проблеми. Се разговара за државни гаранции во вкупен износ до сто милијарди евра. Владата е загрижена дека големите концерни во текот на годинава можат да се соочат со проблеми со ликвидноста, поради тоа што не ќе можат да добијат нови кредити или заеми под прифатливи услови.

Концернот за челик „ТисенКруп“ со оптимизам гледа на новата година, иако постигна слаби резултати во претходниот квартал. Во раководството очекуваат на почетокот од 2009 година повторно да почне да расте бројот на нарачки, иако тој пораст нема да биде голем. 40 проценти од своето производство на челик концернот и’ испорачува на автомобилската индустрија, која се наоѓа во длабока криза на пласманот. Поради тоа, концерните за челик ширум светот го намалуваат производството.

Врвни менаџери од автомобилската индустрија сметаат дека на нивната бранша и’ претстојат пет тешки години. Според една анкета спроведена во светски размери, менаџерите очекуваат до 2013 година пониски приходи и добивки, како и зголемен број фузионирања или купувања на автомобилските претпријатија. Анкетата е објавена спроти почетокот на саемот на автомобили во Деторит, што почнува в недела и е прв во новава година.

Американската емисиска банка сака да се бори против рецесијата во подолг временски период со политика на фактички нула камата. Со оглед на долготрајниот пад на конјунктурата, разумно е „уште некое време каматите да се држат на крајно ниско ниво“ и таа намера да биде објавена, вели шефот на банката Бен Бернанки. Во банката очекуваат американското стопанство малку да се опорави во втората половина од годинава.

Цената на нафтата на американскиот пазар за однапред договорени набавки во подоцнежен термин забележа најголем пад во еден ден по септември 2001 година. Откако беше објавено дека се зголемени американските резерви на нафта, цената падна за околу 12 проценти и изнесува 42,80 долари за барел.

DW.COM