1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Економски пулсирања - избор од стопански вести

Американските банки вратија дел од парите на државата. Светската банка ги коригира нагоре прогнозите за економскиот пораст на Кина.

default

Десет големи американски банки вратија вкупно 68 милијарди долари, што ги добија од владиниот пакет за помош. Меѓу нив се и Џеј-Пи Морган Чејс, Морган Стенли, Голдмен Сакс и Америкен експрес. Владата ја востанови програмата за помош за спасување на банките и за ублажување на последиците од светската финансиска криза во октомври минатата година. Во меѓувреме помали банки веќе вратија две милијарди долари од добиената помош.

Светската банка ги коригира нагоре прогнозите за стопанскиот пораст во Кина. Со оглед на поттикнатиот „значителен“ пораст со владината конјунктурна програма, вредна 590 милијарди долари, се очекува стапката на пораст за целава година да изнесува 7,2 процента, соопшти Светската банка денеска во Пекинг, во кварталниот извештај за Кина. Прогнозата од претходниот квартален извештај предвидуваше пораст од 6,5 проценти. Кинеската влада, пак, опстојува врз своите прогнози дека порастот ќе изнесува цели осум насто.

Карл-Герхард Ајк, шеф на Управниот одбор на инсолвентниот германски трговски и туристички концерн „Аркандор“, сака да спречи разбивање на концернот во текот на стечајната постапка. „Санирањето преку стечајната постапка нуди неповторлива шанса за отфрлање на товарот и ослободување од старите договори“, изјави Ајк синоќа во Франкфурт. Цел, според него, е да бидат зачувани трите столбови на претпријатието - стоковните куќи „Карштат“, одделот за испорака на нарачки од индивидуални лица „Примондо“, како и туристичката фирма „Томас Кук“. Шефот на „Аркандор“ е скептичен во однос на можното здружување на „Карштат“ со системот стоковни куќи „Кауфхоф“, од конкурентскиот концерн „Метро“. Во текот на денов привремениот стечаен управник Клаус Хуберт Герг треба да ја објави својата прва проценка на состојбата во „Аркандор“.

На повидок е крај на надолниот тренд за челичната индустрија, оцени фирмата „Клекнер и компанија“, која тргува со челик. Томас Лудвиг, шеф на Управниот одбор на фирмата, во изјава за „Ханделсблат“ вели дека производството фаќа почва, додека во мај е забележан и првиот пораст на цените, што значи дека најлошото помина. Лудвиг смета дека во втората половина од годинава претстои опоравување, но нема да бидат достигнати претходните рекордни состојби. Претпријатијата мораат за догледно време да сметаат на придушена побарувачка, оценува Лудвиг.

Автор: Хенрик Беме / Моника Ломилер / Зоран Јордановски

Редактор: Александра Трајковска