1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Економски пулсирања - вести од економијата

Можна пресуда против Ербас; Кина купува обврзници на ММФ во висина од 50 милијарди долари; Намалени ризиците за американската економија; Ангела Меркел го отвора ИФА

default

Во судирот меѓу САД и ЕУ околу државната помош за Ербас, според „Вол Стрит Џурнал“ се наѕира пресуда против европскиот производител на авиони. Светската трговска организација, во нејзината утрешна пресуда, веројатно ќе утврди дека европските влади илегално ги субвенционирале леталата од типот „Ербас“, пишува весникот во денешното издание. Притоа, „Вол Стрит Џурнал“ се повикува на претставници на трговијата, правници и раководни лица во двете претпријатија. Светската трговска организација со овој спор се занимава веќе десет години и процесот се претвори во најголем процес во 15- годишната историја на СТО.

***************************************

Кина ќе купи обврзници од Меѓународниот монетарен фонд во вредност од околу 50 милијарди долари, или околу 35 милијарди евра. Според ММФ, ваков договор е постигнат вчера во Вашингтон, меѓу директорот на ММФ, Доминик Штраус-Кан и заменикот гувернер на Кинеската централна банка, Ји Ганг. Според соопштението на ММФ, договорот на Кина и‘ пружа сигурен инвестиционен инструмент, а истовремено ги зголемува и шансите на ММФ да им помогне на земјите членки на фондот да ги намалат последиците од светската економска криза.

***************************************

Ризиците за американската економија, според проценките на Федералните резерви на централната банка, се значително редуцирани. Во вчера објавениот протокол од последната седница на ова тело одржана во Вашингтон, се вели дека со оглед на тоа што економијата веројатно бавно ќе се опоравува, каматните стапки најверојатно подолг период ќе останат на ниско ниво. Во протоколот е истакната увереноста дека економската криза се ближи кон крај и дека во втората половина од годината може да се смета со пораст.

***************************************

Германската канцеларка Ангела Меркел денеска ќе го отвори 49-от саем за електроника - ИФА, во Берлин. 1.164 излагачи од повеќе од 60 земји до 9 септември ќе ги презентираат новитетите во електрониката, а вторпат во историјата на саемот ќе бидат изложени и апарати за домаќинство. Во фокус на саемот повторно се се‘ потенките телевизори, телевизори со ХДТВ технологија, дигитални камери, лаптопи, апарати за навигација и аудио-системи. Важна тема на ИФА годинава е потрошувачката на електрична енергија. Браншата смета дека и покрај кризата, ќе бидат склучени договори во вредност како и минатогодишната - околу 3 милијарди евра.

Автор: ЕМФ/СН/дв

Редактор: Жана Ацеска