1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Економски последици од птичјиот грип

Птичјиот грип стигна и во Европската унија, но дали луѓето заради тоа јадат помалку пилешко? Експертите и стручните здруженија предупредуваат пред паника.

Засега нема паника. Сепак се јаде и пилешко.

Засега нема паника. Сепак се јаде и пилешко.

Весникот „Зиддојче цајтунг„ пишува за „кокошкина психоза„ во Италија. Осум од десет Италијанци од страв од зараза, веќе не јадат месо од живина. Како последица од таквиот страв во последните месеци се загубени 30 илјади работни места. Штетите се проценуваат на 600 милиони евра.

Бернд Адлеф, претседател на баварското здружение за живина гледа поинаку:

„Во такви дребулии не треба да се верува. Во моментов последица кај нас е што потрошувачите се уште понесигурни и уште повеќе се воздржуваат да купуваат кога станува збор за живината„

Адлеф не верува во долгорочни штети за живинарската индустрија:

„Тоа се само трендовски и модни појави. Потрошувачите бргу забораваат„.

Официјални бројки за економските последици од птичјиот грип Европската унија засега нема, вели Михаел Ман, портпарол на евро-комесарката за земјоделство Маријан - Фишер Бел:

„Имаме бројки што само ни ги даваат првите укажувања. Одделни држави не информираа за намалување на потрошувачката на живина од околу 15 проценти„.

Европската унија, вели Ман, на живинарската индустрија може само ограничено да и помогне. Меѓутоа, на просторот на Унијата се продава само сигурно месо, зашто стандардите се исклучително строги. Сепак, ако болеста се прошири, Унијата може финансиски да им помогне на засегнатите фармери. На пример, ако некој од нив мора да ја уништи живината и јајцата, може да добие 50 насто од трошоците за да може да ја обнови фармата. Миахел Ман укажува на уште една можност како Европската унија може да им помогне на фармерите:

„Можеме да ги зголемиме субвенциите за извоз за да и помогнеме на браншата да го извезува своето месо. Колку повеќе се извезува, толку помалку ќе остане на домашниот пазар што може да им помогне на цените„.