Економските експерти предупредуваат од еуфорија | Економија | DW | 13.09.2012
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Економските експерти предупредуваат од еуфорија

Финансиските експерти ја поздравија одлуката на германскиот Уставен суд, но предупредуваат да не се создава еуфорија. Спасувачкиот фонд не смее да ги загрози напорите за структурни реформи велат тие.

Чувството на олеснување на финансиските пазари е јасно видливо, и покрај тоа што одлуката на судот во Карлсруе беше на некој начин очекувана. Инвеститорите на најважниот германски пазар на финансии, Франкфуртската берза реагираа позитивно, а индексот ДАКС го продолжи нагорниот тренд и достигна највисока вредност годинава. Другите европски берзи исто така забележаа позитивен тренд.

Германскиот министер за економија Филип Реслер беше одушевен од одлуката.

„Со јасната и недвосмислена одлука на судот се наоѓаме еден чекор поблиску до целта- да го одржиме еврото стабилно“.

Сепак, финансиските експерти како Михаел Кетер од Франкфуртската школа за финансии и менаџмент предупредуваат да не се создава еуфорија.

„Никој не може сериозно да тврди дека сега еврото е стабилно. Тоа не може да биде постигнато со оваа судска одлука. Но сега добивме време да го изгаснеме пожарот“, вели Кетер за ДВ. Сега мора да се спроведат структурните реформи во најкус рок. И само времето ќе покаже дали политичарите се способни за тоа, заклучува Кетер.

Според Улрих Катер од ДЕКА банката, не може да се очекува некакво брзо подобрување на состојбата во задолжените земји од јужна Европа, но добро е што мирот се врати на финансиските пазари.

Јерг Рохол, претседател на Европската школа за менаџмент во Берлин, пак, предупредува дека и покрај одлуката кризата на еврото е далеку од завршена.

„Европските проблеми не се решени со оваа пресуда. Спасувачките пакети, како и најавата од Европската централна банка дека ќе купува државни обврзници се само купување време. Тие нема да го сменат основниот проблем, особено во јужноевропските земји“, вели Рохол.

Задоволство во ЕУ

За разлика од експертите, политичарите во Европа побрзаа да ја прослават одлуката на судот во Карлсруе. Европските парламентарци во Стразбур решението го испратија со громогласен аплауз на пленарната сесија.

Претседателот на Европската Комисија, Жозе Мануел Барозо порача дека беше „крајно време за ваква одлука“, додека официјален Париз оцени дека станува збор за одлични вести.

Шефот на еврозоната Жан Клод Јункер најави одржување на седница на бордот на Европскиот механизам за спас на 8 октомври на која ќе се расправа за мерките за заштита на еврозоната.

„Двата договори претставуваат чекор напред кон поблиска фискална и економска интеграција и построга контрола во зоната на еврото“, порача Јункер.