1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Економскиот пораст во Кина со забавено темпо

Кинеската економија во вториот квартал од годинава забележа побавен пораст, но бројките не се толку страшни колку што се стравуваше.

Економското постигнување на втората по големина економија во светот во вториот квартал на 2013 година забележало пораст од 7,5%, соопшти кинескиот Завод за статистика. Во првите три месеци од годинава порастот изнесуваше 7,7%.

Пораст од 7,5% за европските уши звучи многу, но за Кина тоа значи дека е ова најслаб развој во последните 20 години.

Очекувано забавување на порастот

Бројките во вториот квартал се поклопуваат со очекувањата на аналитичарите. Многу инвеститори дури се подготвуваа и за понизок пораст. Професорот по економија Хе Шиаоју од Централната висока школа за економија и финансии во Пекинг, на бројките гледа опуштено: „Нормално е порастот да е послаб“, изјави тој за агенцијата ДПА, додавајќи дека треба да се знае оти од економското отворање на земјата минаа повеќе од 30 години, а многу години порастот изнесуваше над 10%.

Познавачот на Источна Азија Томас Хеберер оценува дека бројките се „резултат од соништата во меѓународни рамки“. За да се создаваат работни места и да се генерираат приходи за државата се неопходни меѓу 5 и 6 проценти пораст. „Кина е далеку од можен пад под оваа граница“, изјави Хеберер за радиото Дојчланд Функ.