1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Економската ситуација се подобрува но тоа сеуште не се одразува целосно

Инвестирањето во производниот сектор, поточно во малите и средните претпријатија е приоритет за Европската банка за обнова и развој. Интервју со нејзиниот претседател Жан Лемиер.

default

Малите и средни претпријатија во фокусот на Европската банка за онова и развој

Г-дине Лемиер, во вашето обраќање пред Парламентарното Собрание на Советот на Европа, рековте дека и покрај сé уште присутните тензии поради нерешениот статус на Косово, земјите од Балканот забележуваат напредок на економски план, економскиот пораст е присутен во сите земји. Сепак, во сите овие земји проблемот со невработеноста е далеку од решението.

Лемиер:Да, економската ситуација се подобрува но тоа сé уште не се има одразено во целост во подобрувањето на ситуацијата во борбата против невработеноста. Ние водиме извесен број на акции кои ќе ги продолжиме и во иднина, како инвестирањето во малите и средните претпријатија за создавање на нови работни места. Потоа тука се инвестициите во инфраструктурите, бидејќи ние добро знаеме дека едно од најдобрите средства за да се создадат работни места е да се олесни трговијата. Затоа за Европската Банка за Обнова и Развој е многу важно да се олесни транспортот на лица и стоки во земјите од регионот.

Во земјите од Западен Балкан останува уште едно многу важно прашање, снабдувањето со електрична енергија. Ние го поддржуваме создавањето на регионален пазар за електрична енергија, исто како и подобрувањето на производството на струја. Се надевам дека со овие мерки, кои ние можеме да ги поддржиме заедно со тие на владите од овие земји ќе се подобри ситуацијата со невработеноста.

Во Македонија ситуацијата е со интересни контрасти, таа има стабилна инфлација, сепак економскиот пораст и вкупните странски инвестиции се пониски во споредба со другите земји во регионот. Кои се причините за ова според Вас Г-дине Лемиер?

Лемиер: Најнапред ја има макроекономската ситуација, која вие ја опишавте, што се карактеризира со мала инфлација што е нешто добро. Истовремено потребно е во соработка со владата да изнајдеме средства за да привлечеме повеќе странски инвеститори. Мислам дека постојат можности за инвестиции и создавње на работни места во повеќе сектори и индустријата. Ние тоа го направивме и во другите земји од Западен Балкан и не гледам зошто не би го направиле истото и во Македонија. Тоа е еден од нашите приоритети за акција.

По ивестициите во електроенергетскиот систем и инфраструктурата, кои се сега приоритетите на Европската Банка за Обнова и Развој?

Лемиер:Нашите активности се менуваат. Ние денес повеќе инвестираме во производниот сектор во малите и средните претпријатија за да се подобри нивната компетитивност и да се создадат повеќе работни места. За земјите од регионот, како Бугарија која стана членка на Унијата, како и за земјите кандидати се поставуваат две исти прашања: Првото, како да се апсорбираат поефикасно европските фондови за создавање на инфраструктури, за што го мобилизираме нашите ресурси; Второто прашање е конкурентноста во однос на поразвиените економии, со што ќе се привлечат инвестициите во приватниот сектор и ќе се подобри неговата компетитивност.

Г-дине Лемиер, дали вашата банка има конкретни проекти за Македонија?

Лемиер:Да, ние имаме конкретни проекти за развој на средните и малите претпријатија.