1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Економската ситуација во Источна Германија

Во источниот дел на Германија никако да се случи економски подем. Ветените расцутени пејсажи по промената во 1989 година и по повторното обединување само ретко се појавија. Еден ипол милион луѓе се без работа, па воопшто не е чудно што многумина се селат во подрачјата каде што економијата подобро врви. Во одделни региони на Предпомеранија и во Бранденбург има се помалку жени, гласи една вест од источниот дел на Германија. Младите, добро образувани жени на истокот се посебно мобилни во потргата по работа и најчесто не се враќаат дома. Социолозите предупредуваат дека мажите во тие подрачја поради безуспешната потрага по партнерки би можеле да се одадат на алкохол. Едно е јасно големата невработеност и преселбите го кочат подемот на истокот од земјата и 13 години по повторното обединување на Германија. Од 1990 година источниот дел загуби 820 илјади луѓе, што е 5 насто од вкупното население. Бегаат пред невработеноста која во моментов со 18 насто е двојно поголема отколку онаа во западниот дел на земјата. Според институтот за демоскопија од Аленбах, секој трет источен Германец се надева на работа во новата година. Оттаму и владата зборува со воздржан оптимизам. Бројките на невработените се помали од оние од претходната 2002 година, па затоа министерот за економија Волфганг Клемент најави:
"Убеден сум дека во источна Германија, посебно во тежишните региони како Лајпциг, Хале, Дрезден или Јена, Берлин, Потсдам, Росток или во универзитетскиот град како Грајфсвалд, ќе тргне кон подобро. Потребно е само време. Јас им припаѓам на оние што се убедени дека младите луѓе ќе се вратат таму".
Пребројувањето на наведените региони само укажува дека и сојузниот министер не ќе може уште долго да ја храни илузијата во догледно време да се случи подем на целиот простор на источна Германија. Клемент укажува на фактот дека и во западниот дел има разлики меѓу одделни региони. Министерот задолжен за изградбата на истокот Манфред Штолпе пак, предупредува на тоа ангажманот да не се сведе само на таканаречените јадра на развој. Тој смета дека е неопходна нова стратегија зашто и покрај помошта во милијарди од 1997 година источногерманското стопанство назадува. Како треба да изгледа таа нова стратегија засега знае само министерот. Не е ништо ново дека е неопходна. Ако источна Германија се посматра како цел регион, вкупниот производ по глава на жител е околу 60 насто од западниот и тоа повеќе години. Експертот за конјунктура Густав Хорн од Германскиот институт за економски науки во Берлин ниту во оваа година не очекува пораст:
"Во источна Германија повторно ќе имаме пониски стапки на растеж од западниот дел. Причина е пред се фактот што источната економија се уште не го достигнала нивото на извозна ориентираност како на Запад. Затоа и малку профитира од порастот на извозот".
Источно- германското стопанство произведува само 6 насто стоки што ги извезува Германија. Високата технологија таму се уште е малку застапена, развојот и истражувањето назадуваат. Според канцеларот Герхард Шредер, токму поради тоа, во најавената владина инвестициона офанзива источна Германија ќе игра посебна улога. Министерот Штолпе најави дека ќе разговара со покраинските влади зашто настојувањето до 2019 година да заврши порамнувањето на животните услови меѓу Итсок и Запад е доведено во опасност. 2019 е последната година во која источна Германија во рамките на државниот пакт за солидарност ќе добие надпропорционална финансиска помош. На Запад уште сега расте критиката за годишниот трансфер на милијарди евра од Запад кон Исток. На пример, секој Германец плаќа 5 ипол процнети додаток за солидарност од данокот на приход. Одговорните политичари страхуваат од тешки економски и политички последици од скусувањата и тоа во сите партии. Одговорниот за изградба на истокот во опозиционата ЦДУ Арнолд Вац смета:
"Не верувам дека во моментов има смисла значителното редуцирање на трансферот, туку е неопходно да се употребат на вистинското место. Тоа значи државата да се концентрира на главните задачи и тоа во прв ред да ја доопреми инфраструктурата во источна Германија за да има смисла преселбата на фирмите таму".
Тој критикува што црвено-зелената влада и некои покраини се обидуваат да обезбедат работни места со пари од даноците кои не се способни за конкуренција. Како најсвеж пример тој ја наведува изградбата на фабриката за чипови во Франкфурт на Одра која поради малите шанси на пазарот не беше доизградена. Таквите инвестициони руини се причина што во меѓувреме многу западни Гермнанци го посматраат истокот како гробница за милијарди, предупредува Вац.