1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Економската полза од женскиот Мундијал

Колку Светското првенство во женски фудбал, кое е во тек во Германија, може да биде економски фактор? Се проценува дека првенството нема да биде конјуктурен мотор, но за спонзорите тоа сепак, e вреден настан.

default

„Доаѓам од Мексико за да славам. Славевме секој ден, многу. Супер, одлично! Германија е супер.“

Вака еден од фудбалските фанови на ФИФА-Светското првенство во фудбал во 2006 година го опиша расположението во Германија. Во Германија пристигнаа стотици илјади навивачи кои мирно славеа заедно. Расположението на Светското првенство во женски фудал годинава, се разбира, зависи од она што се прикажува на теренот, но и од временските услови, врз кои никој не може да влијае. Што се однесува, пак, до економските перспективи, очекувањата не се којзнае колкави.

Не треба да се потценува економското значење на женскиот турнир за спонзорите

Не треба да се потценува економското значење на женскиот турнир за спонзорите

Хенинг Фепел е економист и раководи со одделот за истражувања „Спорт и економија“ на хамбуршкиот Институт за светска економија, ХВВИ. Ако се направи споредба со светското првенство во машки фудбал, првенството во фудбал за жени има помали размери:

„Димензиите на Светското првенство во женски фудбал се значително помали. Тоа и не изненадува, а согласно со тоа и економските ефекти ќе бидат помали. Ретко кој би ги променил своите навики за слободното време или за купување, ќе се оди на летен одмор согласно планираното... Во случајот на Светското првенство во машки фудбал беше поинаку.“

Оттука и економските очекувања не треба да бидат превисоки:

„Дури и во случајот на Светското првенство во машки фудбал немаше некој мерлив економски ефект. Имаше благо намалување на невработеноста, но тоа не беше ефект кој се одржа подолго време. Кај женското првенство тој ефект ќе биде уште помал.“

Медиумите го вртат вниманието на потрошувачите

Иако се очекува далеку помал број посетители, не треба да се потценува економското значење на женскиот турнир за спонзорите. За големите спонзори, кои ја носат титулата „официјални партнери“, медиумското присуство е решавачко, а тоа ќе го има и кај женското првенство, убеден е Фепел:

„Медиумите гарантираат привлекување внимание. Тоа е она што е интересно за спонзорите - спектарот, достапноста на потрошувачите.“

Волшебниот збор тука гласи „имиџ-трансфер“. Женскиот фудбал е омилен, има добар имиџ и од тоа еден спознор, како на пример „Луфтханза“, сака нешто и да добие:

„Со спортот се поврзуваат одредени својства. Тој е динамичен, според сите параметри е ’млад’ и интернационален. Тоа се својства кои за една авиокомпанија се привлечни.“

Каков „ќар“ има Луфтханза?

Германска „Луфтханза“ е официјален партнер на Германскиот фудбалски сојуз, потврдува портпаролот на компанијата, Борис Огурски:

„За нас партнерството со сојузот е многу интересно. Женската репрезентација е една од најпопуларните спортски екипи во земјата, но и во странство, и ние тука сакаме да бидеме присутни.“

Луфтханза“ е официјален партнер на Германскиот фудбалски сојуз

„Луфтханза“ е официјален партнер на Германскиот фудбалски сојуз

Германскиот фудбал, меѓународно успешен, на спознорот му гарантира големо внимание:

„Кога германските единаесетмина, мажи или жени, се враќаат во Германија како победници, тогаш очите на цела нација се вперени во нив.“

Сепак, од Светското првенство „Луфтханза“ не очекува краткорочни бизнис-ефекти:

„Не очекуваме дополнителни летови, ние и онака имаме густ распоред на летови.“

Борис Огурски не може да ја изрази точно во бројки економската полза:

„Сигурно ќе имаме дополнителен број патници поради овој спортски настан. Тоа не можеме да го изразиме со бројки, зашто патниците кога купуваат билет не ни‘ кажуваат со која цел патуваат за Германија.“

Хамбуршкиот економист Хенинг Фепел, сепак, е убеден дека за една авиокомпанија се исплаќа инвестирање во женскиот фудбал:

„САД, Кина, Бразил се пазари кои се значајни за авиокомпаниите, а екипите од тие земји учествуваат на првенството и во тие земји женскиот фудбал има значење.“

Автор: Дирк Кауфман / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Симе Недевски