1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Економската криза во Европа закана за Обама

Претседателот на САД, Барак Обама во телефонски разговор му укажал на грчкиот премиер Антонис Самарас тесно да соработува со европските и меѓународни институции во решавањето на финансиската криза во земјата.

Обама го охрабрил Самарас да го реформира фискалниот систем, а притоа да соработува со ЕУ, ММФ и Европската централна банка. Грчката влада во саботата објави дека ќе бара во рамките на договорот за меѓународен заем укинување на некои даноци, запирање на отпуштањата од работа и продолжување на рокот за спроведување на останатите мерки за штедење за две години.

Во телефонскиот разговор Обама му посакал на Самарас и брзо закрепнување. Тој во саботата отиде на итна операција на окото, за да не ослепе. Поради тоа грчкиот претседател Каролос Папуљас ќе ја предводи делегацијата на Атина на самитот на ЕУ, што ќе се одржи оваа недела во Брисел. Премиерот Самарас најпрво го назначи министерот за надворешни работи Димитрис Аврамопулос за шеф на делегацијата, но претсвници на ЕУ реагирале дека со тоа се кршат правилата на Унијата за самит на премиери и шефови на држави. Во делегацијата освен Папуљас и Аврамопулос, ќе бидат и министерот за финансии во заминување Јоргос Заниас, заменикот министер за финансии Кристос Стаикурас и министерот за развој Костис Хаџидакис.

Владата, која се смета за реформска, бара значително менување на условите поставени од ЕУ, ММФ и Европската централна банка, и кои бараат брза приватизација на грчки јавни претпријатија и државно земјиште, намалување на бројот на јавната администрација и другите државни трошоци и низа други мерки кои треба да ја направат Грција поконкурентна.

Според американските медиуми, една од клучните работи за претседателот Обама е да не дојде до влошување на економската состојба во Европа пред одржувањето на претседателските избори во САД. Економската криза во Европа го загрозува кревкото економско опоравување на САД, а таа би можела да има потенцијални последици и за шансите за реизбор на Обама на изборите во ноември. Затоа во текот на ноќта Обама, за економските случувања во Европа, телефонски разговарал и со премиерот на Италија Марио Монти.